Партијата на Кирил Петков попладнево ќе го врати мандатот

Сподели

 

Премиерот на Бугарија во оставка Кирил Петков, очекува мандатот за составување влада да биде вратен, оти неговата партија „Продолжуваме со промената“ (ПП) не успеала да обезбеди поддршка од 121 пратеник за нова влада, јави mediapool.bg.

Петков изјавата ја даде од Грција, каде учествува на церемонијата за завршувањето на изградбата на Меѓусистемската гасоводна врска Грција – Бугарија.

„Бугарија не е пред гасна криза, единствениот голем проблем во моментот е дека влегуваме во политичка криза“, вака Петков го почна соопштувањето на информацијата којашто малкумина ја очекуваа.

Тој порача дека неговата партија ги презела сите мерки за да обезбеди формирање на ново владејачко мнозинство, но по неуспехот на тој потфат се подготвени за разни опции. Сепак, во нив ни под разно не влегуваат ГЕРБ на Бојко Борисов, „Има таков народ“ (ИТН) на шоуменот Слави Трифонов и на Движење за права и слободи (ДПС), во кое една од најистакнатите фигури е контроверзниот бизнисмен Делјан Пеевски.

„Навистина многу ја разбираме тежината на одговорноста што ја имаме што утрово сите наши пратеници се обидоа да комуницираат со пратениците од „Има таков народ“. Во овој момент мислам дека мандатот ќе биде вратен оти нема поддршка од 121 човек. Ќе поддржиме сѐ, но нема да дозволиме преговори со Делјан Пеевски, Бојко Борисов и Слави Трифонов“, рече Петков.

Во 17 часот денеска истекува рокот во кој номинираниот за премиер Асен Василев од ПП треба или да достави список за владин кабинет или да го врати мандатот./meta.mk