Пратеникот на Партија за движењето на Турците во Македонија (ТХП) Енес Ибрахим, вели дека очигледно добро функционира тендерската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, па во предвидениот буџет за 2017 година двете општини и средините каде што Турците се посконцентрирани, се тотално заборавени.
– Сведоци сме како секој ден преку проектот „Скопје 2014“ никнуваат нови згради, споменици кои достигнуваат повеќе милионски суми. А од друга страна и покрај дадениот збор изградбата на Турскиот Театар никако не може да се финализира. Со предложениот рекорден буџет Владата на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го прикажа своето дискриминаторско лице и повторно ги изигнорира потребите на одредени граѓани на Република Македонија, а меѓу нив повторно се најде и турската етничка заедница. На место на споменикот Тодор Александров за кој се потрошени 400.000 евра во Канатларци, Новак, Градошорци, Висока Маала, Аликоч, Бучим, Прналија, Банско и Количани ќе се изградеа спортски терени. На место на споменикот на Васил Чакаларов за кој се потрошени околу 550.000 евра сите учебници за основно и средно образование ќе се преведеа и испечатеа на турски јазик. На место на споменикот Гемиџии за кој се потрошија околу 1.250.000 евра ќе се решеше проблемот за водоснабдувањето во Количани, Калково, Дедели како и општина Пласница. Павел Шатев одлеа од буџетот 250.000 евра. Со овие пари можеше да се изгради пат од Почивал до Шашаварлија, а исто така да се доизгради патот од Радање до Оџалија. Само за зградата Бранко Брашнаров каде се сместени агенциите за Млади и спорт и аудиовизуелни услуги, оваа Влада потроши над 4.5 милиони евра, а за цели 10 години од нивното владеење за Турците во Македонија не потроши ниту приближно на оваа сума – рече Ибрахим.
Тој рече дека оваа Влада докажала дека зградите и спомениците се поважни од животот наповеќе од 100.000 Турци во Македонија.
– Турската заедница не го полни буџетот за одредени профитерски групи да се луксузираат на нивните даноци и придонеси. Ние како политичка партија нема да дозволиме вакво буџетско, расипничко владеење – порача тој.