Трајанов: Без објавување на Францускиот предлог, апсурдно е да градиме став

Сподели

 

Во врска со најновиот Француски предлог, како основа за деблокада на евроинтеграциските процеси на Македонија,  Демократскиот сојуз го нагласува следното: 

Прво, полноправното членство на Македонија во ЕУ е од стратешки и национален интерес и за тоа има и граѓански и политички консензус.

Второ, Демократскиот сојуз за претходниот Француски предлог и Протоколот за имплементација на Преговарачката рамка имаше сериозни резерви и затоа го отфрли, со барање да се направат промени со кои ќе се спречат било какви обиди за загрозување на македонскиот национален идентитет. Посебно баравме гаранција за македонскиот јазик да биде еден од јазиците кој ќе се користи во Европската Унија, а уставните промени да се одвиваат на основа на реципроцитет, Бугарите во нашиот Устав истовремено со признавање на Македонците во Бугарија.

Трето, без да го добиеме претходниот Француски предлог и актуелниот најнов, не сме во можност да изградиме поинаков став од веќе објавениот.  Демократскиот сојуз е загрижен од информациите кои доаѓаат од Бугарија дека се работи за истиот предлог и дека нема никакви суштински промени. 

Четврто, бараме Францускиот предлог јавно да се објави за да можат да го видат и анализираат медиумите, граѓаните, експертите, партиите и невладиниот сектор, по што Демократскиот сојуз ќе го изгради конечниот став.

Петто, со оглед на исклучителната важноста треба сите да се однесуваме одговорно без разлика на етничката и партиската припадност, за да изградиме единствен став на сите граѓани. За таа цел Демократскиот сојуз се залага парламентот да отвори расправа и да донесе одлука за која мора да се изјаснат граѓаните на референдум.