ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ: МАКЕДОНИЈА СЕ СООЧУВА СО ИСКУЧИТЕЛНО СЛОЖЕНА ПОЛИТИЧКА СОСТОЈБА

Сподели

pavle-trajanov

На трибината на Балканскиот форум за безбедност, претседателот на ДС, Павле Трајанов изјави дека Македонија се соочува со исклучително сложена политичка состојба која го загрозува мирот и внатрешната стабилност, како и економскиот развој.

Според него, генератори на кризата се државно политичкиот врв, високиот степен на криминализација на државата и посебно тешките облици на криминал кои разорно дејствуваат во сите сфери на сопственото живеење, партизација на институциите и нивна парализа, како и етаблирање на авторитарно владеење и “еднопартизмот”.

– “Накусо кажано, колапсот на државата е креација на домашната владејачка елита и воспоставување систем на клиентелизам и силна медиумска манипулација, популизам и ставање на целокупниот безбедносен систем во функција на властодржецот, а не безбедноста на државата. Дали може кризата да ескалира и да се наруши безбедноста и нормално одвивање на животот? Засега можеме да зборуваме за контролирана нестабилност, но обидите за радикализација на меѓуетничките односи, инсценирање на судири помеѓу власт и опозиција, укинувањето на СЈО, враќањето во сила на аболицијата, како и стегањето на обрачот околу тие што 10 години го крадат народот, може во секој момент да ја запалат државата.”

 -Падот на рејтингот на партиите од власта може да биде скриена причина за немири и одлагање на изборите и продолжување на агонијата – рекол Трајанов.

Според лидерот на ДС, на Македонија не и претстои воен напад од странство, но можни се терористички активности креирани со внатрешна логистика.

– “Македонија не е цел на ИСИЛ, ниту пак треба се плашиме од мигранти кои ќе ја дестабилизираат државата. Во геостратешките интереси припаѓаме кон НАТО и ЕУ, но тоа не е и нема да биде основа за зголемен притисок од Руската Федерација. Треба да градиме добри односи со сите држави, но секогаш да поаѓаме од нашите национални и државни интереси. Спорот со името, наметнат од Грција, е добра причина за власта да има алиби за застојот во евроинтеграциските процеси. Грција гледа партнери кај нас кои не сакаат да се разреши овој спор. На крај сосема е извесно дека само со промена на власта можно е да има правда, економски развој и постепена стабилизација. ДС на овие прашања е темелно поставен и сме за реформи во безбедносниот систем кој е докрај разорен” – истакнал Трајанов на  трибината на Балканскиот форум за безбедност.