Пендаровски: Брисел треба да истапи и директно да ни каже – ова е нашиот план за вас!

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски се обрати на официјалната воведна сесија на високо ниво „Што после војната во Украина?“ на Преспа форум за дијалог, што од 16 до 18 јуни се одржува во Охрид на тема „Градење на иднината на Западниот Балкан во современата европска безбедносна архитектура“.

 

 

„Сега е замрзнато мислењето дека политиката на проширување е најуспешната политика на ЕУ, затоа што земјите членки на ЕУ со години зборуваат дека сакаат прво да ја продлабочат ЕУ, а потоа нејзино проширување“, рече претседателот Пендаровски.

Во тој контекст, претседателот Пендаровски посочи дека незавршената интеграција на Западен Балкан има поврзаност со дејствувањето на Русија, хибридните закани и лажни вести и притоа потсети дека нашата држава е една од земјите во регионот којашто протера повеќе руски дипломати во последните 12 месеци. Според него, не е возможно Русија да ја видиме во демократските граници на Европа без или со војната во Украина, а уште повеќе поради војната во Украина.

Посочувајќи дека поддршката за членство во Европската Унија драстично опаѓа во изминатите години, претседателот Пендаровски побара јасна перспектива за земјите од регионот за членство во Европската Унија.

„Брисел треба да истапи и директно да ни каже – ова е нашиот план за вас, навистина сме сериозни во намерите за интегрирање на Западниот Балкан во економска, политичка и друга смисла. Во спротивно, се повеќе луѓе ќе стануваат скептични за европскиот проект и автократските режими се повеќе ќе се зајакнуваат во регионот“, рече претседателот Пендаровски во обраќањето, потсетувајќи дека регионот чекајќи напредок во евроинтегративниот процес се соочува со демографска катастрофа.

На воведната сесија се обратија и претседателот на Словенија, Борут Пахор, на Косово, Вјоса Османи, на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и на Хрватска, Зоран Милановиќ, додека преку видео-врска на присутните им се обрати претседателот на Украина, Володимир Зеленски.