Претседателот Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма од страна на Дирк Јан Коп, новоименуван амбасадор на Кралството Холандија во Република Северна Македонија.
Претседателот Пендаровски изрази голема благодарност за конзистентната поддршка од пријателска Холандија која од осамостојувањето на нашата држава е една од најголемите донатори и силен поддржувач на интеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ и НАТО.
„Холандија континуирано ни помага во реформите на судството, владеење на правото и јавната администрација, но и заштитата од дискриминација на ранливите и маргинализираните групи во општеството, а со цел да изградиме силни и независни институции кои се столб на секоја европската демократија. Холандскиот “строг и фер” принцип се покажа како одлична формула за суштинска имплементација на реформската агенда и постигнување на европските стандарди во нашата земја“, рече претседателот Пендаровски.
Претседателот изрази надеж дека многу скоро, на почетокот на мандатот на холандскиот амбасадор, Република Северна Македонија ќе го прослави формалното членство во НАТО, а со Европската унија ќе ги започне преговорите за полноправно членство.
Амбасадорот Дирк Јан Коп истакна дека е почестен што е назначен како Амбасадор во нашата земја и рече дека Холандија е докажан пријател на Северна Македонија од нејзината независност, во добри и во тешки времиња, со директна помош таму каде што е потребна.
„Северна Македонија помина низ многу предизвици и постигна многу во изминатите 28 години од нејзината независност која ќе биде одбележана за само два дена. Пред многу кусо време, вашата земја успеа да се издигне од многу тешка политичка криза, да го реши прашањето за името кое траеше со децении и да стане наш сојузник во НАТО. „И сонцето е ѕвезда“ како што имам слушнато, и се надевам дека еден ден ќе свети во нашата Унија“, изјави амбасадорот Дирк Јан Коп.