Пендаровски и Радев заедно патуваат од Скопје за Рим и Ватикан

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски, денеска на Меѓународниот аеродром Скопје ќе се сретне со својот бугарски колега Румен Радев, по што двајцата претседатели со државниот авион на Република Бугарија ќе заминат во посета на Италијанската Република и Светата Столица, соопшти Кабинетот на Пендаровски.

Двајцата претседатели во Рим патуваат по повод чествувањето на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

По пристигнувањето во Рим, предвидено е претседателот Пендаровски да има средба со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела.

Шефот на македонската држава утре ќе има аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, а ќе се сретне и со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин.

Потоа, претседателот Пендаровски во базиликата „Сан Клементе“ ќе положи цвеќе на гробот на Свети Кирил.