Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ја прими амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Рејчел Галовеј.
На средбата беа разменети мислења за билатералните односи меѓу двете држави, како и за актуелните случувања и предизвици во регионот. Двајцата соговорници изразија задоволство од развојот на севкупните односи меѓу двете држави, кои ги карактеризира заемно пријателство, меѓусебна доверба и цврсто партнерство.
Претседателот Пендаровски нагласи дека Северна Македонија во изминатиов период вложи огромен труд и напори во исполнувањето на интеграциските процеси, и денес претставува модел за успешна трансформација за сите држави од регионот.
На средбата беше констатирано дека Обединетото Кралство е наш долгогодишен партнер и поддржувач на реформите во одбранбениот и безбедносниот сектор, како и во областа на правосудството, јавната администрација и транспарентноста на јавните институции.
Претседателот Пендаровски изрази увереност дека Обединетото Кралство, како цврст партнер и пријател на Северна Македонија, ќе продолжи со конкретната поддршка и помош во остварувањето на нашите стратешки приоритети. Во тој контекст, Претседателот изрази очекување долгогодишното партнерство во рамките на НАТО да биде заокружено со нашето членство во Алијансата, на состанокот на лидерите, којшто ќе се одржи во Лондон, во декември 2019 година.
Амбасадорката Галовеј упати честитки до претседателот Пендаровски за стапувањето на функцијата и му посака успех во вршењето на должноста, притоа изразувајќи подготвеност за натамошно унапредување на соработката и зајакнување на традиционално пријателските односи меѓу двете држави.