Тромоста на #ЕУ во процесот на проширување го зголемува евроскептицизмот во земјите од Западен Балкан, но и внатре во самата Унија. На панел дискусијата „Триесет години независност и евро-атлантските перспективи на Република Северна Македонија“ реков дека клучниот проблем на ЕУ е принципот на носење одлуки со консензус. Ако не се смени тоа набрзо, Унијата не може да биде голем геополитички чинител, – изјави претседателот Стево Пендаровски на денешната панел дискусија, во организација на невладината „Еуропроспера“.
Тој се осврна и на односите со соседна Бугарија и блокадата од Софија, во контекст на македонските евроинтеграции и го реафирмираше ставот дека, ако цената за влез во ЕУ е да се обезличиме, не ни e потребна ЕУ.
Во однос на очекувањата од Советот на ЕУ, Пендаровски искажа скептицизам за шансите Северна Македонија да добие одлука за почеток на пристапни преговори со Унијата.
„Јасно е кажано од Софија дека во недостиг на парламент и на политичка влада, тие нема да можат да дадат зелено светло. Сѐ што можеше од наша страна да биде понудено како гест на добра волја, а што не излегло од рамките на едно резонско разговарање и преговарање за битни аспекти на билатералата со Софија, беше понудено. Се разбира, не можеме да влеземе во идентитетскиот комплекс и ако некој очекува дека по јули или август ќе го направиме тоа, тој се лаже“, потенцираше Пендаровски и додаде дека останува да очекуваме, по конституирањето на новата бугарска влада, да се понуди излез од оваа ситуација што самите ја создадоа.
Како одличен Пендаровски го оцени португалскиот предлог за надминување на спорот со Бугарија, објаснувајќи дека според него, се декларираат позициите на двете страни.
„Во услови кога проширувањето на ЕУ де-факто е замрзнато, имаме две опции, да ја донесеме Европа дома и второ, наскоро да почнеме да го враќаме во живот договорот за стратешко партнерство со САД, од 2008 година. Тоа нема да значи откажување од европските интеграции, напротив. Но, ако продолжи спорот со Бугарија, мора да бараме алтернативи“, додаде тој.
Говорејќи за економскиот развој и просперитет, Пендаровски посочи дека нашиот регион заостанува во физичка и во дигитална инфраструктура, во споредба со земјите од ЕУ, и затоа е неопходна помош од ЕУ и од САД за побрза демократизација.