Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на работната посета на Украина по повод 30-годишнината од независноста на земјата, во Киев оствари средба со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел.
На средбата, соговорниците разменија мислења за најновиот развој на настани во контекст на процесот на проширување на Европската Унија, како и за македонскиот напредок во клучните реформски области и можностите за одржување на прва меѓувладина конференција.
Претседателот Пендаровски го реафирмираше ставот дека одржувањето на првата меѓувладина конференција во најскоро време е клучен приоритет за Северна Македонија, при што нагласи дека е неопходно Европската Унија да ги зголеми напорите за да се динамизираат односите со земјите од Западен Балкан. Претседателот Пендаровски го реафирмираше и ставот дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за валоризирање на напредокот на ниту една земја на патот кон Европската Унија и дека во тој контекст треба да се бара решението за нашата држава.
Покрај ова, двајцата соговорници се осврнаа и на состојбите во Европската Унија и кај нас, а разменија мислења и информации и за случувањата во Авганистан.