Пендаровски: Оспособување на младината за активно учество во процесот на донесување одлуки

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски се обрати на завршната конференција во рамки на проектот  „Оспособување на младината за активно учество во процесот на донесување одлуки“.

 

 

“Станува збор за навистина значаен проект кој го актуелизира прашањето за вклученоста на младите во најважните процеси во едно општество и има за цел да помогне во изградбата на идните лидери и креатори на политики. Се работи за нешто што е насушна потреба на секоја држава, затоа што, примерите од развиените земји покажуваат дека без создавање на механизми за младинско учество во процесот на донесување на одлуки, како и нивно охрабрување за активно учество, не можеме да очекуваме напредок и просперитет.

Во конкретниот проект се користат искуствата од соседна Бугарија со која имаме политички, социо-економски, историски и други сличности, а која, со оглед дека е членка на Европската Унија, од порано ги има апсолвирано прашањата кои ние денес ги разговараме. Во овој контекст е значајно што бугарската амбасада и финансиски го подржа проектот што доволно зборува за перспективите за соработка, взаемна поддршка, споделување на искуства и ресурси. Убеден сум дека тоа искуство и она што беше препознаено и потврдено како добра практика ќе добие своја имплементација и кај нас.

Кога зборуваме за местото и улогата на младите во нашето општество и конкретно, нивната вклученост во процесите на одлучување мора да се потенцира значењето на донесувањето на законот за млади, односно законот за младинско учество и младински политики. Овој закон, чиј прв нацрт текст беше претставен во мај годинава е влезен во собраниска процедура и со него се регулира односно обезбедува вклученоста на младите и младинските организации во процесите на одлучување на локално и на национално ниво и ги дефинира нивните потреби и барања. Иако, реално, ние многу доцниме со изработката на оваа законска рамка, сепак, морам да признам дека сум задоволен што процесот е започнат и што во него учествуваат претставници од власта, од опозицијата, подмладоци на политички партии, заедно со младинските организации што искрено ми влева оптимизам за правецот во кој се движи и ќе се движи нашето општество.

Имав можност во мојот кабинет да примам и претставници на младинските организации, членови на работната група кои учествуваат во процесот на подготовка на законот и од прва рака да ги слушнам нивните потреби, како и аргументите, и ставовите за и околу законот. Длабоко го ценам нивниот придонес и верувам дека законот ќе биде донесен пред распуштањето на собранието во февруари наредната година и ќе биде добра основа за активно учество на младите во носењето на одлуките кои ќе имаат влијание и врз нивните животи и нивните кариери.

 

 

Покрај донесувањето на законската рамка која ќе овозможи учество на младите во процесот на донесување на одлуки ние како општество треба да се соочиме и со еден друг и по мое мислење, поголем проблем, а тоа е апатијата и незаинтересираност на младите за општествените случувања и политичките процеси.

Кај голем дел од нив постои разочараност и пасивизирање. Огромен процент од младите својата иднина ја гледаат надвор од својата земја и нивните планови и визија не се поврзани со нивната татковина. Во време на глобализација и зголемена мобилност дури и побогатите земји тешко можат да ги задржат младите кои се во потрага по подобри услови за живот, работа и усовршување и имаат потреба од нови предизвици. Сепак, тоа не не ослободува од обврската да обезбедиме далеку подобри услови и перспективи за нашите млади. Овде да немаме дилема: без да се слушне нивниот глас, без нивно квалитетно учество, без успешни младински политики тоа ќе биде невозможно.

Затоа да ги искористиме искуствата на соседите, како и искуствата на постарите европски демократии, да понудиме стратегии, насоки и препораки, да го чуеме гласот на младите. Сите ние кои сме креатори на политиките во овој момент, кои донесуваме закони, планираме стратегии имаме одговорност да најдеме креативни и одржливи одговори и решенија на потребите и барањата на младите. Без нив и нивното активно учество не можеме да се надеваме на развој и благосостојба. Без нив, едноставно нашата земја нема иднина” – изјави претседателот Пендаровски.