Пендаровски по повод случувањата во Струга и најавата на ИВЗ за отворање на верските објекти на 12 мај

Сподели

 

Денеска телефонски разговарав со поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Митрополит Скопски, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан, како и со поглаварот на Исламската Верска Заедница, Реис Ул Улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи. И, на двајцата лидери им ги пренесов моите ставови и загриженост во врска со вчерашните случувања во Струга, како и за најавата на ИВЗ дека ќе ги отворат верските објекти на 12 мај.

Како претседател на сите граѓани им укажав на верските лидери дека од нив очекувам како и досега да повикаат на одговорно однесување на граѓаните за време на верските празници, како и да го осудат секое однесување спротивно на мерките пропишани од државните органи.

Една од клучните работи што ни ги покажа пандемијата со КОВИД-19 е дека без разлика на која заедница припаѓаме, сите еднакво сме под ударот на коронавирусот.

Мерките кои се воведени за заштита од пандемијата, не забрануваат на ниту еден граѓанин да ја практикува својата религија. Но, она што мораше да се ограничи и уште е ограничено, се масовните собирања по повод кој било верски празник, како и верски обичаи.

Ги повикувам надлежните институции да постапуваат соодветно, во рамки на одговорностите кои ги имаат за одржување на стабилноста. На сила е вонредна состојба, пандемијата на КОВИД-19 уште трае, а здравствените работници неуморно и со натчовечки напори секојдневно се ангажирани за лекување на нашите сограѓани кои се заразени.

Вложивме многу за да ги избегнеме негативните последици со кои се соочија многу земји каде што имаше голем број на жртви и кои доведоа до затворање на храмови и светилишта како во христијанскиот, така и во муслиманскиот свет.

Во интерес на сите граѓани, а со цел што поскоро надминување на состојбите побарав од поглаварот и од реисот да делуваат превентивно и да не ги поттикнуваат собирите на големи групи верници.