Вести Македонија Ударни вести

Пендаровски: Индексот на УНДП нè соочува со реалноста

Сподели:

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска беше домаќин на презентацијата на Извештајот за човековиот развој 2021/2022 на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), насловен како „Неизвесни времиња, несигурни животи, обликување на нашата иднина во светот што се менува“.

Осврнувајќи се на негативните тенденции кои преовладуваат како резултат на низа надворешни влијанија и внатрешни фактори, претседателот Пендаровски истакна дека извештајот на УНДП ги посочува критичните точки на кои мора да се фокусираме за да надоместиме за изгубените години и да постигнеме повисок степен на развој, односно дека може да биде патоказ во овие несигурни времиња.

 

 

„За да ја постигнеме целта: повисоко ниво на човечки развој за сите македонски граѓани, потребни се три работи: прво, соочување со реалноста, второ, обмислување на решенија, и трето и најважно, политичка волја да ги направиме неопходните промени. Индексот на УНДП нè соочува со реалноста. Развојните стратешки документи ни ги даваат решенијата. Започнатите преговори за членство во Европската унија значат дополнителен мотив за суштински реформи“, рече претседателот во обраќањето.

“Освен надворешните влијанија, нашиот развој нема задоволително темпо и како последица на низа внатрешни фактори. Сведочиме на долгата, децениска историја на започнати, а незавршени реформи, како и на корупцијата, клиентелизмот и сивата економија што ја еродираат довербата на граѓаните во институциите. Безмалку секоја власт од независноста до денес наследуваше и оставаше системски слабости кои се таложеа. Овој извештај не треба да биде предмет на дневно-политички толкувања, затоа што секоја генерација политички лидерства носи поголем или помал дел од одговорноста за овие состојби. Не треба да зачудува што во таков контекст, постојат сите предуслови за пораст на европесимизмот, популизмот и авторитарните тенденции. Извештајот потврдува уште една загрижувачка тенденција. Иако јазот на нееднаквоста се стеснува меѓу државите, тој за жал, се шири, внатре, во самите држави. Вообичаено, највисоката цена ја плаќаат најсиромашните, кои се најранливи во кризни времиња.

Но, граѓаните не даваат мандат само за констатирање на проблемите, туку, пред се, за нудење на излезни решенија. Именувајќи ги нештата со вистинското име, овој извештај може да биде патоказ во овие несигурни времиња. Индексот на УНДП ги посочува критичните точки на кои мора да се фокусираме за да надоместиме за изгубените години и да постигнеме повисок степен на развој.

Патот до квалитетен животен стандард како трета димензија на човечкиот развој, нужно оди преку забрзан економски раст што подразбира повисока продуктивност и конкурентност во економијата, масивно вложување во иновации и технолошки развој, домашни и странски инвестиции, намалување на сивата економија и формирање на флексибилен пазар на трудот. А, претпоставка за реализација на секој од приоритетите е дигиталната трансформација на економијата и дигитализацијата на јавните услуги. Како што најавивме, МКД2030 ќе биде вградена во деталната Национална стратегија за развој 2022-2042 што ја изработува Владата. На тој начин, овие документи ќе бидат гаранција за континуитетот на секторските политики, независно од идните промени на политичките гарнитури на власт.

За да ја постигнеме целта: повисоко ниво на човечки развој за сите македонски граѓани, потребни се три работи: прво, соочување со реалноста, второ, обмислување на решенија, и трето и најважно, политичка волја да ги направиме неопходните промени. Индексот на УНДП нè соочува со реалноста. Развојните стратешки документи ни ги даваат решенијата. Започнатите преговори за членство во Европската унија значат дополнителен мотив за суштински реформи.

Европската интеграција има уникатен потенцијал да биде катализатор за длабока трансформација на сите слоеви на општеството, далеку подобри параметри во областа на владеење на правото, борбата против корупцијата, слободата на медиумите. Иако товарот на најголемиот дел од обврските лежи врз нас, се разбира, дека и Европската Унија има обврска да биде далеку поактивно вклучена во овој процес.

Независно што заедно со остатокот на Европа и светот минуваме низ период на голема неизвесност, мораме да ги удвоиме националните напори за посилен економски и општествен развој, за поголема доверба на граѓаните во институциите и драстично помало иселување на младите. Крајната цел е да изградиме општество со еднакви шанси за успех за сите негови членови.

Сподели: