Пендаровски: Создавање на општество во кое жените сами ќе ги носат своите животни одлуки, ослободени од родово насилство и сексизам

Сподели

 

По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на жените, претседателот Пендаровски ја упати следнава порака:

“Денеска кога ја одбележуваме борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност, како и достигнувањата во повеќе сфери, да се потсетиме дека борбата за женските права е секојдневна и сѐ уште е борба за еднаквост и достоинствен живот.

Покрај зголемената свест за правата на жените, донесените законски решенија и програми, на патот кон еднаквоста ни остануваат многу предизвици во однос на доследната имплементација на политиките, како и во поглед на образованието и промената на родовите стереотипи и норми. Жените сѐ уште не се доволно застапени на политичките и економските позиции каде се носат клучните одлуки, а економската нееднаквост е јасно видлива и во бројни сектори каде жените се соочуваат со дискриминација и во поглед на платата и во поглед на пристапот и работните услови. Потребата од системско и доследно законско постапување на релевантните институции е клучно кон спречување и заштита од насилство врз жените.

Конфликтите и мировните операции ни покажуваат дека жените можат еднакво да бидат во првите редови, одлучно да се борат за правда, да придонесуваат во разрешувањето на конфликти, а честопати токму жените се жртви на воени злосторства. Не само денеска, секој ден е потребно да оддадеме почит за храброста на жените во воените конфликти и нивната улога во помирувањето.

Пандемијата нè соочи со растечка нееднаквост во многу сфери. Соочени со предизвиците, жените повторно го понесоа поголемиот товар, преземајќи на себе многукратни улоги и неплатен труд во одржувањето на домовите, образованието на децата, грижата за повозрасните.

Имаме заедничка одговорност да правиме проценка како одлуките што ги носиме и јавните политики што ги креираме влијаат на жените. Сите имаме одговорност, но пред сè релевантните институции и политичките чинители, за промените кои ќе овозможат поголемо учество на жените во политиката, донесувањето на одлуките, креирање на политиките, управување со процесите, економскиот развој, науката и иновациите.

Родовата еднаквост е предуслов за слободно, развиено, демократско, праведно и отворено општество. Ги поздравувам заложбите на сите чинители кои работат на унапредување на родовата еднаквост и создавање на општество во кое жените сами ќе ги носат своите животни одлуки, ослободени од родово базирано насилство и сексизам, општество во кое на девојчињата нема да им биде спречен развојот поради предрасуди и стереотипи.

Честит 8 Март.” – порача претседателот Стево Пендаровски.