Пендаровски – Столтенберг: Македонија една година официјално членка на НАТО

Сподели

 

По повод годишнината од членството на Република Северна Македонија во НАТО, претседателот Стево Пендаровски денеска оствари телефонски разговор со Генералниот секретар, Јенс Столтенберг.

Во разговорот двајцата соговорници разменија мислења за улогата на Алијансата и справувањето со идните безбедносни предизвици, за регионалната стабилност и за надворешно-политичките приоритети на Република Северна Македонија.

Во тој контекст, претседателот Пендаровски изрази благодарност за поддршката која земјата ја добива од НАТО Канцеларијата за безбедност во процесот на сертификација на официјалните лица во државата за коишто се побарува НАТО безбедносен сертификат. Двајцата соговорници се согласија дека тоа е исклучително важен процес и дека истиот треба да продолжи во сите неопходни сегменти, витални како за безбедноста на Република Северна Македонија, така и за безбедноста на Алијансата.

Истовремено, претседателот Пендаровски се заблагодари за досегашната помош во справувањето со последиците од пандемијата на Ковид-19, посочувајќи дека солидарноста и поддршката на сојузничките земји е неопходна за надминување на новите реални предизвици со кои се соочуваат Европа и светот.

Во телефонскиот разговор, претседателот Пендаровски ја реафирмираше подготвеноста и посветеноста на Република Северна Македонија во промовирање на мирот и стабилноста, истакнувајќи дека земјава и во иднина активно ќе придонесува во меѓународните мировни мисии предводени од НАТО во регионот и пошироко. Северна Македонија, додаде претседателот Пендаровски, останува целосно посветена на реформите во одбраната и во безбедноста согласно стандардите на НАТО.

Двајцата соговорници разговараа и за документот НАТО 2030, кој треба да ја одреди иднината на НАТО Алијансата, во која од март минатата година и ние сме полноправна членка.