Пендаровски: Св. Кирил и Методиј на словенските народи им го дадоа клучот за самоидентификација и самоопределување

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски упати честитка по повод одбележувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св.Кирил и Методиј.

“Денеска, на 24 мај, ние во РС Македонија, заедно со другите народи од словенското говорно подрачје, го празнуваме делото на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

Св. Кирил вели дека „без книга сите народи се голи“ и подложни на асимилација и исчезнување. Создавајќи ја првата пишана словенска азбука – глаголицата и преведувајќи го Светото писмо и другите црковни и световни текстови на старословенски јазик, светите браќа отворија нови просветни, духовни и културни видици за словенските народи во Европа. Со тоа, Св. Кирил и Методиј на словенските народи им го дадоа клучот за самоидентификација и самоопределување низ вековите. Бранејќи го фундаменталното право на словенските народи на свој јазик и писменост, Св. Кирил и Методиј се изборија и за достоинството на различноста како суштинска европска вредност.

Македонскиот јазик, како и секој друг словенски јазик, е гранка од стеблото засадено од Св. Кирил и Методиј и нивните ученици, меѓу кои и Св. Климент и Св. Наум Охридски. Какви плодови ќе береме зависи од тоа колку ќе вложуваме во нашата македонска гранка од словенското јазично стебло. Тоа е наша должност кон претходните и идните генерации но и наш придонес кон европскиот културен, образовен и цивилизациски простор.

Нека ни е за многу години 24 мај – Денот на сесловенските просветители!” – се вели во честитката на претседателот, Стево Пендаровски.