Претседателот Стево Пендаровски денеска во Цетиње, во рамки на официјалната посета на Црна Гора оствари средба со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, по што се одржа и заедничка прес-конференција на двајцата претседатели.
“Ова е моја прва официјална посета на Црна Гора како претседател на Северна Македонија, со која би сакал да ги реафирмирам одличните билатерални односи, и истите стратешки визии кои ги споделуваат нашите две земји.
Денес, го повторивме она што го заклучивме на средбите во Скопје, во октомври 2019-та, за време на посетата на претседателот Ѓукановиќ: нашите релации се одлични, а наша задача е да го одржуваме ова високо ниво, за нашите народи да продолжат со блиските врски и во иднина.
Во тој контекст, разговаравме за повеќе прашања од доменот на билатералните односи, при што, заеднички заклучивме дека унапредувањето на економските врски треба да биде наш врвен приоритет. Пандемијата неспорно ги оптовари нашите стопанства, а војната во Украина покажа дека без оглед на фактот што воените дејствија се одвиваат на илјадници километри далеку од нашиот регион, меѓузависноста од светските пазари на енергенси и на основни животни продукти драстично влијае и врз нашите економии. Ме радува што со претседателот Ѓукановиќ делиме слични погледи за потребата од поблиска соработка, со цел, полесно да ги надминеме овие заеднички предизвици.
Разговаравме се разбира и за актуелните состојби во регионот и се согласивме дека во светло на војната во Украина, тие добиваат поинаква динамика. Денес, кога сведочиме на ужасните злосторства предизвикани од руската инвазија на Украина, сметаме дека тоа треба да значи и пресвртница во односите помеѓу Европската Унија и нашиот регион. Европските интеграции се процес кој овозможува длабинска трансформација и реформи во насока на демократизација на општествата и не случајно Европската Унија е стратешка цел и на Северна Македонија и на Црна Гора. Особено ја цениме принципиелната позиција на Црна Гора за наметнатите пречки на нашиот европски пат, препознавајќи го ризикот за сите нас од внесување на билатерални прашања во европската агенда.
Нашите преговори за членство се тест за кредибилитетот на Европската Унија. Потребни се стратешки одлуки веднаш, во спротивно трендовите на опаѓање на граѓанската поддршка за интеграциите кои се видливи ќе стануваат се посилни.
Во разговорите се осврнавме и на нашата соработка во рамките на НАТО. Рускиот напад на Украина на многу јасен начин ги потврди придобивките од нашето членство во Алијансата. Ужасот кој го гледаме во Украина, мислевме дека е невозможен на европско тло по страшните војни од минатиот век. За жал, сведочиме на страдање на милиони граѓани, пред наши очи се одвива огромна хуманитарна и бегалска криза.
Потребна ни е солидарност и уште поголема соработка за да излеземе на крај со последиците на руските воени дејствија во Украина. Како дел од НАТО стоиме зад сите негови одлуки, а како земја-кандидат за членство во Европската Унија сме сто процентно усогласени со заедничката европска надворешна и безбедносна политика. Во таа смисла се приклучивме на сите пакети на санкции на Европската Унија насочени кон Русија.
На крајот, дозволете уште еднаш да му се заблагодарам на претседателот Ѓукановиќ за укажаното гостопримство, и да повикам да продолжиме да ги развиваме нашите меѓусебни релации, затоа што колку сме посилни како регион, толку поголеми се шансите за безбедност и просперитет на сите наши граѓани.
Во денешниот глобален свет, никој не може да опстане, ако нема сојузници и ако нема пријатели.