Пендаровски: Во интерес на сите е Уставниот суд да работи во комплетен состав

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска го посети Уставниот суд на Република Северна Македонија на покана на претседателката на судот, Добрила Кацарска.

 

 

За време на посетата, на која присуствуваа претседателот на Собранието, Талат Џафери и претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, претседателот Пендаровски беше запознаен со тековните активности на Уставниот суд и предизвиците во неговата работа.

Претседателката на судот посочи на проблемите со кадровската неекипираност, а исто така ги претстави техничките услови за работа на судот и потребата за нивно подобрување.

На средбата беа пренесени и неколку иницијативи во однос на исполнувањето на надлежностите на судот, вклучувајќи ја можноста за воведување на уставна тужба со проширување на надлежностите на Уставниот суд.

Претседателот Пендаровски ја истакна потребата за скорешно надминување на предизвиците во работата на Уставниот суд, посочувајќи дека во интерес на сите е Уставниот суд да работи во комплетен состав, со целосен капацитет и во соодветни технички услови.