Пердју за ДВ: Заврши времето на малтретирање на С. Македонија

Сподели

 

Прашањата за историјата и јазикот не се доволно значајни за да ги оправдаат непријателските односи меѓу двете земји. На крајот на краиштата, Северна Македонија е суверена земја. И ниту една држава не треба да има право да принудува друга нација да ја менува својата историја, порачува поранешниот амбасадор на САД во Бугарија и еден од ко-авторите на Охридскиот Рамковен договор во Македонија, Џејмс Пердју во интервју за „Дојче Веле“.

„Националистите во Бугарија гледаа како Грција го користи своето членство во ЕУ за да изврши притисок врз Северна Македонија. И тие одлучија да ја спроведат истата стратегија. Но, времето за малтретирање на Северна Македонија заврши“, вели Пердју.

Тој вели дека историчарите и експертите треба да ги расчистуваат контроверзните точки со текот на времето, а во меѓувреме, Софија треба да ја поддржи, а не да ја блокира кандидатурата на Северна Македонија за ЕУ. Сè друго е кусогледо, порачува поранешниот дипломат на САД, нагласувајќи дека долгорочен национален интерес на Бугарија е Северна Македонија да влезе во ЕУ.

„Се чувствувам близок и со Бугарија и со Северна Македонија. Мислам дека е грешка бугарската влада да го блокира процесот што ќе доведе до пристапување на Северна Македонија во Европската унија. Напротив: Бугарија мора да биде бранител на членството на Северна Македонија во ЕУ, а не противник. Бидејќи влезот на Северна Македонија во ЕУ е дел од долгорочниот национален интерес на Бугарија“, вели Пердју.

Поранешниот амбасадор на САД во Бугарија смета дека Северна Македонија и Бугарија се природни сојузници, и иако има луѓе во Македонија што ја чувствуваат за своја бугарската историја, двете земји треба да даваат помало внимание на помалку важните прашања.

„Долгорочен национален интерес на Бугарија е да има добри и партнерски односи со соседите во услови на заеднички демократски вредности. Членството во ЕУ го охрабрува ова. Бугарија и многу луѓе во Северна Македонија имаат заедничка историја и култура, но Бугарија е понапредната нација и има предност со членството во ЕУ во остварувањето на своите цели. Двете земји се природни сојузници и можат да работат заедно за просперитетна иднина, доколку им го свртат грбот на некои од помалку важните прашања“, порача Пердју во интервјуто за „Дојче Веле“.

Инаку, во Софија вчера се одржа средба помеѓу бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева и специјалниот пратеник на владата на Северна Македонија Владо Бучковски. Според соопштението од бугарското МНР, на средбата Захариева на Бучковски му предала предлог-Акциски план за соработка меѓу двете земји во рамки на исполнување на Договорот за пријателство, добрососедство соработка, кој би бил потпишан на следната заедничка меѓувладина комисија. Со тоа Бугарија ги официјализираше најавите за конкретен распоред, односно Акциски план за исполнувањето на бугарските барања од официјално Скопје.