Петре Шилегов од СДСМ официјално е новиот градоначалник на Град Скопје. Според резултатите од 100 проценти обработени податоци добиени од избирачките места кои Државната изборна комисија ги објави вечерва на веб-страницата, Шилегов на изборите вчера освоил 141.125 гласови односно 50,32 проценти и ја доби градоначалничката функција во првиот круг од изборите.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и досегашен градоначалник Коце Трајановски освоил 101.468 гласови односно 36,18 проценти.
Шилегов денеска на прес-конференција соопшти дека нема да има втор круг на гласање во Град Скопје и пред ДИК официјално да ги објави резултатите.
Тој рече дека новата градска администрација што ќе ја предводи ќе биде сервис на граѓаните и дека ќе работи и ќе се води исклучиво од нивните интереси.
– Скопје повторно се раѓа, а Македонија ги заокружи промените и тргна напред. Резултатите се јасни, во Скопје имаме победа во првиот круг. Вака изгледа Скопје, вака изгледа Македонија кога се гласа без притисоци, слободно и демократски. Македонија добива главен град кој поврзува, главен град кој работи за граѓаните. Овој резултат за мене претставува голема чест, но и уште поголема обврска. Од првиот ден ќе се зафатиме со решавање на најгорливите проблеми на Скопје, загадувањето, зеленилото и сообраќајот – рече Шилегов.
СДСМ во првиот круг освои 37 градоначалнички места, ВМРО-ДПМНЕ три, ДУИ две, група избирачи две и Демократската партија на Турците едно.