Петровска: „Криволак“ ќе биде домаќин на вежбата „Брз одговор 23“

Сподели

 

„Северна Македонија како и многу пати досега покажува дека е активна и кредибилна земја членка на НАТО алијансата. Кредибилен сојузник кој и на дело дава свој придонес во колективната и заедничка безбедност, на сега веќе на 31 земја членка на Алијансата. Една од клучните алки за безбеден регион и безбедно НАТО е нашата интероперабилност односно можноста да работиме заедно, да ги запознаеме подобро, да ги сработиме подобро процедурите и потребата да делуваме како една сила која е сила која гарантира мир и безбедност“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешниот брифинг на кој претставниците на медиумите беа информирани за претстојната вежба „Брз одговор 23“ која е и најголемата вежба која оваа година се организира во Северна Македонија.

Армискиот полигон „Криволак“ од 22 мај до 2 јуни ќе биде домаќин на вежбата „Брз одговор 23“, која ја организираат нашите американски сојузници, поточно Армијата на САД за Европа и Африка, а на која во нашата земја учество ќе земат околу 1.850 припадници на вооружените сили на 5 земји: 4 сојузници – Северна Македонија, САД, Албанија и Црна Гора и една партнерска земја – Косово.

Министерката порача дека како домаќин на оваа вежба Северна Македонија покажува дека е кредибилен сојузник и дека армискиот полигон „Криволак“ повторно покажува дека е полигон на кој можат да се организираат големи и комплексни вежби.

 

 

„За нас како земја е исклучително важно што повторно ќе покажеме дека нашиот најголем армиски капацитет односно полигонот ‘Криволак’ ќе се користи и понатаму за изведување на големи и комплексни вежби на нашата територија и дека ние имаме способност како земја домаќин да вложуваме и понатаму во развојот на интероперабилноста. Затоа и всушност продолжуваме со развојот и вложувањата и во армискиот полигон“, рече министерката. Додаде дека како и изминатите неколку години, и за оваа вежба заедно со универзитетската лабораторија АМБИКОН на штипскиот универзитет организиран е мониторинг на влијанието на вежбовните активности врз животната средина. Мерењата на претходните вежби покажаа дека вежбовните активности немаат негативно влијание на животната средна.

Петровска истакна дека оваа вежба е и приказ на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави, кои се наш докажан партнер и сојузник во Алијансата.

„Заедно се развиваме, се поддржуваме во развојот на воените капацитети и заедно ја гарантираме колективната безбедност“, заклучи министерката.

Заменикот-амбасадор на САД, Ерик Мејер, истакна дека овој тип на вежби помагаат во градењето на подготвеноста и унапредувањето на оперативните способности на НАТО сојузниците.

„Распоредувањето на силите на САД во Европа е доказ за континуираната посветеност на нашите НАТО сили за Европа – обединета, слободна и во мир. Армијата на Република Северна Македонија е подготвена, добро позиционирана и спремна да се интегрира со мултинационалната бригада и силите на САД за Европа. На 30-годишнината од одбележувањето на партнерството со Националната гарда на Вермонт, ја продолжуваме важната работа во насока на демонстрирање на трајното партнерство“, рече заменик амбасадорот Мејер.