Во контекст на сајбер заканите и дојавите за бомби во институциите, во вечерашното гостување на министерката Славјанка Петровска во емисијата Клик Плус на ТВ21 истакна дека целта на овие хибридни закани, чиј составен дел се и сајбер нападите е да се предизвика пореметување на мирот и стабилноста на Балканот и да се внесе несигурност, страв и паника кај населението.
„Секоја хибридна војна чијшто составен цел се овие сајбер напади има своја цел. Сценариото е да се предизвика било какво пореметување на тој мирен и стабилен Балкан, а ова е еден чекор кон тоа. Најчесто целта на хибридните војни и сајбер нападите како составен дел, е пореметување на општественото живеење, што впрочем се случува и очигледно е како сè повеќе кога се создава незадоволство во едно општество, се надополнува со незадоволство во некоја друга сфера, а најчесто целта е да се предизвика паѓање на владите кои се западно ориентирани. Претпоставувам дека дел од сценариото зошто тоа се случува и во Република Северна Македонија и во Црна Гора веројатно е дел од оваа претпоставка. Пак ќе кажам, ова е само претпоставка која е дел од теориите за тоа што се хибридни закани и сајбер закани и е една од можностите зошто некој би започнал ваков тип на активности“, рече министерката Петровска. Додаде дека разузнавачките информации кои ги имаме и помеѓу нашите институции, но се разбира и со партнерските служби, говорат дека Република Северна Македонија не е изложена на директна закана по безбедноста.
Петровска посочи дека е потребно институциите да вложуваат во човечкиот потенцијал, да вложуваат финансиски средства за унапредување на капацитетите на институциите во делот на сајбер одбраната.
„Секој предизвик со кој се соочуваме практично е тест за подготвеноста на институциите. Сериозно треба да се инвестира во унапредувањето на капацитетите во институциите, Министерството за одбрана го давам како позитивен пример, но и многу други институции каде навистина се прават исчекори во градењето на тие капацитети“, подвлече Петровска.
За неодамнешната посета на заменикот помошник генерален секретар на НАТО, Апатураи информираше дека биле одржани два типа на разговори – на политичко и на експертско ниво каде бил направен пресек на состојбите на институционалните капацитети во нашата држава.