Пијанистка Клер Хуангчи ќе го отвори јубилејното 65.„Охридско лето“

Сподели

Американската пијанистка со блескава уметничка кариера, Клер Хуангчи, ќе го отвори јубилејното 65. издание на фестивалот „Охридско лето“ на 12 јули на сцената на Античкиот театар во Охрид.

Ова денеска го соопшти директорот на Националната установа „Охридско лето“, Ѓорги Цуцковски, на прес-конференција на која беше промовирана програмата на годинашното фестивалско издание. Како што најави директорот Цуцковски, годинашната тема  е „Уметноста трансформира“,  што укажува на моќта на уметноста да го променува општеството, да инспирира и да создава нови перспективи.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, потенцира дека „Охридско лето“ е едно од најзначајните културни случувања во нашата земја.

– „Охридско лето“ е многу повеќе од фестивал, тоа е симбол на културната зрелост на нашата држава, симбол на отвореноста кон светот, симбол на врвната уметност и културен амбасадор на нашата земја. И оваа година фестивалот ќе донесе програма која го задржува врвниот уметнички стандард, но и ќе ја отвори вратата за нови културни перспективи. Како што истакна и директорот, ќе имаме уметници од меѓународен ранг, но и солисти, оркестри и македонски имиња што блескаат на светските сцени, како и театарски ансамбли, модерни проекти и традиционални изведби – кажа министерот Љутков.

Според него, „Охридско лето“ е и голем двигател на туризмот, фестивал кој не само што ја промовира културата туку и го поттикнува културниот туризам, ја јакне економијата и ја позиционира Македонија на културната и туристичката мапа на Европа и светот.

– Во текот на фестивалските денови, Охрид станува центар на меѓународно внимание. Илјадници посетители, туристи, љубители на културата, уметници и медиуми доаѓаат во Охрид да го почувствуваат спојот на уметноста, природата и историјата – рече министерот Љутков.

Селекторката на музичката програма на фестивалот, Симона Ѓорчева, истакна дека музичката програма годинава ќе понуди 29 музички настани со учество на над 300 уметници од САД, Кина и од Европа.

Според селекторот на драмската програма, Ненад Витанов, фестивалот „Охридско лето“ е конципиран како меѓународна уметничка платформа за промоција и изведба на најдобрите уметнички дела од Македонија и од светот.

Фестивалот „Охридско лето“ се одржува под покровителство на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова и со поддршка од Министерството за култура и туризам, Општина Охрид, како и голем број спонзори, помагатели и пријатели на фестивалот.

Програмата на 65. „Охридско лето“ од денес ќе биде објавена на веб-страницата на фестивалот, а билетите наскоро ќе бидат пуштени во продажба на билетарницата на „Охридско лето“, како и електронски на купикарта.мк и рувиво.мк.