ПИСМА: Рубикова коцка – Виктор Петковски

16DE5226-7B8E-4BAE-89D4-F29DF4C0BA57_cx0_cy20_cw0_w987_r1_s_r1

Виктор Петковски, претседател на подмладокот на Либерална партија

Она што јас би го сменил во пристапот на менување на криминал, неправда, општествено уништување кои се заштитени од институциите на системот, е менување на самите себе и презентирање на промената, пишува Виктор Петковски, Либерална унија на млади на Македонија во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Или Шарена револуција, шарена е и тешка за решавање. Континуитетот и одржливоста е вреден за поздрав, имајќи предвид дека противникот функционира на начин што прво те растура одвнатре, тивко и нечујно, а потоа, во очите на јавноста го задава финалниот удар. Преплетувањето на реалностите е нешто што мислам дека е вредно за спомeнување. За целото време дури луѓе протестираат против години поминати во обесправеност, малтретирање, изживување, имаме категорија на луѓе што пие кафе на неколку метри паралелно од протестот. Секој има различен поглед на светот, на начинот на неговото функционирање и тоа е неспорно и така треба да биде.

Добар граѓанин е оној кој својата идеја ќе ја препознае во своето водство, и целиот ќе се вложи во нејзино реализирање, односно во реализирање на самиот себе.

Но што е со граѓанската должност? Дали мојот различен поглед на работите, во превод значи менување, креирање, интеракција и пренесување на различноста, или апатичност, незаинтересираност и рамнодушност на сè она што се случува околу мене? Кој е поривот да бараме оправдување за нашата пасивност и постои ли уште некој кој ќе поверува во тоа?

Она што јас би го сменил во пристапот на менување на криминал, неправда, општествено уништување кои се заштитени од институциите на системот, е менување на самите себе и презентирање на промената. Тоа би значело рефлексија на промената што сакаме да ја видиме во другите, односно да останатите имаат увид во тоа што зборуваме и што сакаме да направиме. А тоа не значи промена на однесувањето дури сме во склоп на голема група на луге, револуција, бунт, а потоа враќање на однесувањето кое не довело револуција и бунт. Тоа значи промена во постојаното однесување, размислување и дејствување на начин на кои сакаме да ги видиме и другите да се однесуваат. Секојдневно и во детали. Затоа што големите работи се оние кои остануваат запаметени, а тие се составени од многу мали.

Кај би бил почетокот? Каде би започнала промената?

Да почнеме со менување на една од најдеструктивните фрази некогаш изговорени кај нас: “Таков си”. Каков сум и дали ти ја имаш таа способност да ме процениш? Никој не е таков или ваков, од друга страна секој е продукт на најблиското окружување и огледало на домашното воспитување. А некои од нас, тоа воспитување не научи да пиеме кафе дури некој се бори за права. Тоа окружување не научи да бараме оправдување за се што треба да направиме a притоа немаме личен интерес.

Дали вреди да се борам за општество и во текот на борбата да бидам сниман, маркиран и обележан или да ја смирам мојата совест со било кој тип на активност која ме држи под радарот?

Никогаш победата нема да дојде со промена на власт а уште помалку со останување на истата. Победата ќе дојде со промената, промена на самите себе, отстранување на социолошките претпоставки кои општеството ни ги вградува најдлабоко во нашата карактерна структура и не прави добри и послушни (не)граѓани. Следен чекор е градење на вистинските претпоставки, во кој индивидуата ќе ја добие вредноста што ја заслужува, претпоставката дека сите луѓе се еднакви, и сите имаат еднаква шанса да успеат. Општество на конструктивна критика, а не критика по секоја цена.

Не е добар граѓанин оној кој ја слуша идејата, ниту успешен оној кој функционира како резултат на слушнатото.

Добар граѓанин е оној кој својата идеја ќе ја препознае во своето водство, и целиот ќе се вложи во нејзино реализирање, односно во реализирање на самиот себе. Тоа значи и кога е сам, и кога никој не го гледа, и кога нема кој да му каже браво или да му даде аплауз, тој сеуште ќе работи на подобрување и победа. Победа на сите.

И кога ние ќе научиме да победуваме секојдневно, со најмалите работи, со најситните детали па потоа со поголемите, сме стекнале навика од 1 000 000 000$. Лугето со такви навики не земаат 200 евра плата. Општество со такви навики не е општество на социјално растроени групи, сиромаштија и беда. Општество со такви навики е општество на победници.

Во разместувањето на рубиковата коцка наидуваме на многу бои кои се измешани и во хаос. До решението доаѓаме преку нивно разместување и преливање се до моментот кога секоја боја ќе го најде своето место. Тогаш сме победиле.

извор:slobodnaevropa.mk

http://www.slobodnaevropa.mk/a/27774023.html