Пломп: Нема време за губење, очекуваме реформска, отчетна и одговорна влада

Сподели

Нема време за губење и од македонските политичари исклучиво зависи да одлучат за иднината на својата земја, изјави денеска амбасадорот на Кралството Холандија, Ваутер Пломп, по денешната презентација на истражувањето „Неосновани притворени – правни и буџетски импликации“, во ЕУ-Инфо центарот во Скопје.

– Ако ме прашувате како ги коментирам последните случувања и преговорите за формирање на владата, можам само да го повторам тоа што комесарот Јоханес Хан, како претставник на Европската Унија го кажа за време на неодамнешната посета на земјава, а тоа е дека  – нема време за губење. Од друга страна ќе потенцирам дека исклучиво зависи од македонските политички партии и политичари да одлучат за иднината на нивната земја – рече Пломп.

Тој додаде дека Холандија се надева дека Македонија ќе има влада која ќе биде реформски ориентирана, особено на реформите кои се однесуваат на владеењето на правото, како и и во другите области кои што се битни во овој процес.

Холандскиот амбасадор нагласи дека, како дел од реформите, особено значајна е отчетноста која подразбира и поддршка на работата на Специјалното јавно обвинителство.

– Една од битните работи на која идната реформака влада ќе треба да се фокусира е отчетноста и одговорноста. Кога зборуваме за отченост тоа значи поддршка на работата на Специјалното јавно обвинителство, односно поддршка од страна на судовите и сите други органи за да може СЈО да ја заврши својата работа независно – нагласи Пломп.

meta.mk