Тројца Македонци вчера на Халкидики, славејќи роденден влегле во морето, но биле понесени од морските струи. Веднаш била алармирана крајбрежната стража и почна потрагата по нив. Едното момче на возраст од 25 години по два часа беше пронајдено вчера, а денеска по 18 часа во вода, е спасено и второто 30-годишно лице.
Од Министерството за надворешни работи велат дека нашите дипломатски-конзуларни претставништва во Грција се во интензивна комуникација со надлежните грчки органи за пронаоѓање на нашите државјани кои вчера влегле да се бањаат во морето, и покрај лошото време.
Со помош на едно приватно пловило, најпрво вчера, едниот од загрозените бил спасен после два часа поминати во вода.
По продолжување на потрагата од грчките спасувачки служби, утрово е добиена потврда за пронаоѓање на уште еден од групата, кој исто така е во добра здравствена состојба, иако веќе подолго време бил во вода.
„Генералниот конзулат на Северна Македонија во Солун е во комуникација со семејствата на загрозените наши државјани, и стои на располагање за секаква помош. Потрагата на грчката крајбрежна служба продолжува за пронаоѓање и на третиот исчезнат“, се наведува во соопштението на МНР.