По изборите во Бугарија, сите конци во рацете на шоуменот Слави Трифонов

Слави Трифонов на основачкото собрание на „Има таков народ“ на 16 февруари 2020 година. Фото: Tnvsjk2013/Wikimedia Commons. Creative Commons Attribution-Share Alike 4.0
Сподели

 

Човекот што ќе ја реши иднината на Бугарија се нарекува Слави Трифонов и тој треба набргу да каже што ќе прави, повика досегашниот пратеник од Бугарската социјалистичка партија (БСП), Јавор Божанков, повикувајќи го на изјаснување на лидерот на партијата „Има таков народ“, извести dnevnik.bg.

Партијата на шоуменот Слави Трифонов по парламентарните избори во неделата е втората политичка сила во Бугарија, во услови кога партијата што освои најмногу гласови, ГЕРБ, на премиерот Бојко Борисов тешко ќе може да состави коалиција. БСП е трета според довербата на гласачите.

Божанков порача дека со вакви изборни резултати, БСП нема амбиција да формира коалиција и да составува владин кабинет, но дека е готова безусловно да ја поткрепи секоја влада чијашто цел се совпаѓа со барањата на долготрајните протести што почнаа минатото лето – оставка на премиерот Бојко Борисов и главниот обвинител Иван Гешев.

По обработката на сите гласови и извештаи, вчера стана јасно дека во идниот состав на бугарскиот парламент ќе влезат шест партии. ГЕРБ на Борисов е првата, со 26,18 отсто од гласовите, „Има таков народ“ е втора со 17,66 отсто, БСП трета со 15,01 отсто, Движењето за права и слободи (ДПС), кое учествуваше во досегашната владина коалиција и во голем број претходни влади, има 10,49 отсто, „Демократска Бугарија“ има 9,45 отсто од гласовите и „Исправи се! Мутрите надвор!“ има 4,72 отсто. Освен ГЕРБ и ДПС сите останати се нови или релативно нови политички формации што првпат учествуваат на парламентарни избори.

Изборниот цензус за влез во парламентот не го исполни ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов, која за разлика од претходните избори, кога беше во националистичка коалиција и имаше 12 пратеници, останува надвор од парламентот. На овие избори партијата настапи сама и доби само 3,64 отсто од гласови.

Но, тоа нема да значи речиси ништо за идната влада што би ја формирал Трифонов, оти овој ТВ водител и музичар има речиси идентични ставови како Каракачанов во поглед на македонската националност и македонската историја. Сепак, ако „Има таков народ“ не успее да собере сојузници за идна влада, најверојатно ќе има нови избори, оти и ГЕРБ на Борисов тешко дека ќе го стори тоа, оти сите партии освен ДПС ја исклучија можноста да коалицираат со досегашната владејачка партија.

Борисов, пак на седница на владата на Бугарија, вети дека ГЕРБ ќе подготви варијанта за формирање коалиција.

мета.мк