Mинистерката за образование и наука Мила Царовска вчера оствари две средби со претставници на Сојузот на средношколци и со Иницијативата на родителите.
“Врвен приоритет е започнувањето на училишната година на први октомври, за што како Влада нудиме комбиниран модел за настава. Во училиштата каде се исполнети условите од протоколите, наставата може да почне со физичко присуство, а таму каде нема услови, часовите ќе се следат онлајн. За овој, но и за другите предизвици во образованието, денес разговарав на два состанока, едниот со средношколците, а другиот со родителите. Учениците, наставниците и родителите ќе бидат наши постојани и рамноправни партнери во сите реформски процеси.”- изјави министерката Царовска.
Средношколците вчера одржаа протестен марш од Министерството за образование и наука до зградата на Владата незадоволни од одлуката да продолжи образовниот процес од далечина.
„Или донесете одлука за комбинирано учење или ќе се видиме со бојкоти или други помасовни протести“, порачаа средношколците и побараа ротирање во класовите на секои два дена (следење на наставата онлајн и физичко присуство) и пристапот да не биде централизиран, туку секоја општина да организира модел според епидемиолошката состојба односно број на заразени.