Почина академик Блаже Ристовски

Сподели

На 87 годишна возраст почина академик Блаже Ристовски, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите.

Од 1991 до 1992 година, Ристовски ја вршеше функцијата потпретседател на првата Влада на самостојна Република Македонија.

Академик Ристовски го посвети целиот свој работен век како неуморен и многу плоден истражувач на македонската литература, на јазичната и националната историја, на фолклорот, на појавата и развитокот на македонскиот народ и македонската национална мисла, кои се објавени во голем број книги. Неговиот научноистражувачки интерес беше насочен кон истражување и афирмација на националните дејци од 19. и 20. век – Крсте П. Мисирков, Димитрија Чуповски, Ѓорѓија Пулевски, Петар Драганов, Марко Цепенков, Кочо Рацин, Васил Икономов, Наце Димов и други. Објавил над 800 статии и други прилози во разни списанија и зборници на трудови во земјата и во странство. Собраните дела на Крсте Мисирков претставуваат еден од најзначајните проекти на академик Блаже Ристовски во Македонската академија на науките и уметностите.

Беше претседател на Здружението на фолклористите на Македонија и на Сојузот на здруженијата на фолклористите на Југославија, прв потпретседател на Одборот на Балканскиот фестивал на народни песни и игри во Охрид (1967), член на Републичката комисија за културни врски со странство, претседател на Советот на Филозофско – историскиот факултет цивилизации (Сорбона ИИИ) во Париз (1986 и 1992) и секретар на МАНУ (1999 – 2002).

Академик Блаже Ристовски бил член на редакциите на списанијата „Etnologia Slavica” (Братислава), „Demos” (Берлин), „Погледи“, „Современост“, Гласник на Институтот за национална историја (Скопје) и други. Бил претседател на Здружението на фолклористите на Македонија, на Сојузот на здруженијата на фолклористите на Југославија, потпретседател на Одборот на Балканскиот фестивал на народни песни и игри во Охрид (1967), член на Републичката комисија за културни врски со странство, претседател на Советот на Филозофско-историскиот факултет во Скопје.

За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 7 октомври 1988 година, а за редовен член на 20 јуни 1996 година. Беше научен секретар на МАНУ од 1999 до 2002 година, а во периодот од 2011 до 2015 година беше секретар на Одделението за лингвистика и литературна наука.

Утре во 10.30 часот во Свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите ќе се одржи комеморативна седница.