Почина актерот Владимир Ендровски

Сподели

 

На 60-годишна возраст, почина актерот Владимир Ендровски-Љац. Тажната вест ја соопштија од  Македонскиот народен театар.

Ендровски е роден во 1963 година. Тој дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на отсекот за актерска игра во класата на проф. Љубиша Геогиевски, во 1991 година.   

На сцената на МНТ официјално е од 1993 г. иако како актер се појавува во претстави и пред дипломирањето. На сцената на МНТ ги оживеа и ги направи незаборавни: Далавера змејот во „Рекламна бајка“ (1989), Дромио од Сиракуза во „Забуни“ (1989), Уплавот во „Мир“ (1993), Целе Бумба во „Женски прилог за ноќта“ (1993), Борис во „Буре барут“ (1994), Манилов во „Мртви души“ (1994), Јован Ангел во „Лепа Ангелина“ (1995), Спасе во „МКС“ (1995), Д-р Алојзие Зилбербрант во „Глембаеви“ (1996), Макрото во „Едмонд“ (1997), Младичот во „Маме му ебам кој прв почна“ (1997), Брајан во „Шопинг анд факинг“ (1998), Антоан во „Мисија“ (1998), Ботар во „Носорог“ (1999), Арнолд Кримп во „Бетмен – враќањето на црниот витез“ (1999), Капетан Лебјаткин во „Демони“ (2001), Крадецот во „Павилјони“ (2001), Трајан во „Балканот не е мртов“ (2001), Ристе во „Ослободување на Скопје“ (2002), „Црна дупка“ (2003), Булдог во „Доле влада“ (2004), „Хамлет во транзиција“ (2004), Вадиус во „Една вечер со ..“ (2006), „Троил и Кресида“ (2010), Алексеј Кирилов во „Бесови“ (2011), како и во претставата „Подемот и падот на кабарето“ (2013).

За неговиот талент останаа да сведочат филмовите и сериите во кои ги толкуваше ненадминливите и секогаш препознатливи ликови: Дино во серијата „Трст виа Скопје (1990) (за која ја има добиено и наградата на ревијата „Екран“ за најдобро филмско актерско остварување), Трајче во „Пред дождот“ (1994), Доре во „Преку езерото“ (1997), Безимениот во „Збогум на 20 век“ (1998), Андарт во „Прашина“ (2001), Стипе Прикачин во „Бал-кан-кан“ (2005), Затвореникот Варден во „Контакт“ (2005), Коки Лабуд во „Некои поинакви приказни, сегмент: Македонска приказна“ (2010) и многу други.