Почина Михаил Ренџов, реномиран македонски поет, прозаист и преведувач

Сподели

Почина  Михаил Ренџов, еден од најреномираните македонски поети, прозаист и преведувач. Телграма со сочувство до семејството упати и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој посочи дека неговиот придонес кон развојот и промоцијата на македонската култура е навистина огромен.

„Ренџов поседуваше уникатен авторски профил, кој во наследство на идните генерации им остави бесценети поетски збирки и други значајни дела, со кои ѝ даде бесмртност на македонската современа поезија и воопшто култура. Вечна му слава!“, напиша министерот Љутков во телеграмата упатена до семејството.

Михаил Ренџов работеше во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје како советник по библиотекарство и во одреден период беше директор на оваа институција. Беше член на Македонскиот ПЕН-центар, како и  на ДПМ од 1965 година.

Автор е на дваесетина збирки поезија, меѓу кои: „Иселеник на огинот“ (поезија, 1965); „Ноќно растење на зборот“ (поезија,1967); „Каде од оваа страна“ (поезија, 1968, „Издишки“ (поезија, 2013). Го преведе и епот „Гилгамеш“. Последната поетска збирка „Зраци“ ја објави во 2023 година.

Ренџов е добитник на многубројни награди, меѓу кои: „11 Октомври“ и „Браќа Миладиновци“ за книгата Нерези (1982), „Григор Прличев“ за поемата „Тој“ (1993), „Ацо Шопов “ за книгата „Јас Оксиморон“ (1999), „Рациново признание“ за книгата „Захариј и други раскази“ (2004), „Григор Прличев“ за поемата „Предвесница“ (2009), „Браќа Миладиновци“ за книгата „Јас. Елегии“ (2017).

Во 2022 година го доби орденот „Свети Никола“, што се доделува на заслужни граѓани кои се родени и потекнуваат од Штип.