Македонскиот спорт загуби уште една голема легенда.
Во 84-тата година денеска животната сцена ја напушти Живко Дуковски, големиот боксерски шампион, тренер и функционер. Дуковски целиот свој живот го посвети на боксот и даде голем придонес за афирмацијатра на благородната вештина. Тој беше неуморен, уште како млад го засака овој спорт на храбрите и уште во 50-те години од минатиот век зачекори на рингот.
Во неговата кариера, како активен боксер најголемиот успех го постигна, кога на поединечното првенство на поранешна Југославија во 1957 година, го освои второто место и сребрениот медал. Потоа доаѓаа и други настапи и победи низ кои ја градеше својата кариера. По многу борби низ кои го афирмираше македонскиот бокс, кога стави крај на активното бавење со бокс, Дуковски не му рече збогум на саканиот спорт. Напротив, кон средината на 60-сеттите години тој стана еден од најголемите афирматори на спортот кој ги привлекуваше младите. Сакаше да направи нешто, да го издигне боксот на повисоко ниво, па се зафати со тренерската работа. Акумулираното искуство имаше желба да го пренесе на младите и во рамките на Младинското спортско друштво „Скопје“ од Автокоманда. на негова иницијатива се формира боксерски клуб.
Дуковски со својата харизматична појава брзо привлече многу млади момчиња, кои за година-две блеснаа на рингот и многумина од нив во годините што доаѓаа се закитија со медали на младинските и сениорските првенства во поранешната држава. БК „Скопје“ стана расадник на боксери и со успех се натпреваруваше во Втората сојузна лига.
Живко Дуковски беше алфа и омега во клубот. Тој не само што беше тренер и организатор на сите активности, туку беше човекот што ги решаваше и сите проблеми на боксерите. Околу себе собра една голема група на ентузијасти, која многу му помагаше и со која успеа да обезбеди егзистенција на клубот. Тогаш се родија шампионите од калибарот на Салиху, Самоиловски, Калач ,Реџепагиќ, Смилевски, Голубиќ, Ристевски, Мемеди, Ѓошевски, Јакупи, Василев и уште десетина други момчиња, кои го прославија македонскиот бокс.
Живко Дуковски со својот авторитет и голема помош на оние што го опкружуваа успеа да се избори – Скопје, во рамките од Денот на ослободувањето 13 Ноември, да биде организатор на првиот „Златен гонг“, приредба која од таа 1968 година традиционално се одржува на македонските рингови. Најголема заслуга за „гонгот„ да живее токму имаше Живко Дуковски. Тој никогаш не се предаваше и во најтешките години до крај се бореше гонгот да не згасне, зашто знаеше оти тој ќе биде магнет за младите. И така беше, од година на година беа откривани се повеќе таленти. Преку оваа приредба својата афирмација ја доживеаја и подоцнешните асови на БК „Скопје“ Мумин Вели,кој стана двократен носител на бронзен медал од Европските првенства и Примислав Димовски, кој еднаш беше петти на Светските првенства. Тие пак беа предводени од Руждија Калач, кој исто така во младоста мина низ рацете на Живко Дуковски од кого многу научи и со кого секогаш се консултираше. Иако не беше директно вклучен во тренажниот процес,долги години Живко „трчаше“ за боксерите и настојуваше, сега во улога на функционер, во еден период и претседател на Боксерската фецерација на Македонија да обезбеди средства за непречен развој на боксот и за учество на нашите репрезентативци на најголемите боксерски приредби.
Последен пат го видовме на рингот, кога пред две години, беше почестен од своите некогашни ученици, сега и тие боксерски функционери, да доделува медали на победниците на „Златниот гонг“. Иако се забележуваше дека го мачат некои здравствени проблеми,т ој не ја симнуваше насмевката кога се наоѓаше на рингот. Тогаш на сите им стана јасно, дури и оние што не го познаваа доволно, оти рингот за Живко значеше живот.
Дуковски замина во вечноста, но она што го направи за македонскиот бокс вечно ќе се памети.
Национална боксерска федерација