Вечерва во Струга започнува 61. издание на Струшките вечери на поезијата, со читање на Константиновата Т`га за југ и палење на фестивалскиот оган.
Во Паркот на поезијата ќе биде засадено дрвце во чест на добитникот на највисокото признание на манифестацијата, “Златен венец” за 2022 година, јапонски поет Шунтаро Таникава.
На Струшките вечери на поезијата најавено е присуство на 24 поети од странство и 30-тина од државата меѓу кои Шаип Емерлаху, Иван (Ивица) Џепароски, Никола Маџиров, Рамша Ашраф, Ефе Дујан, Кедиџа Гадум, Бране Мозетич, Андријана Кос Лајтман, Сет Мајклсон, Јуриј Серебријански, Зоран Анчевски, Лидија Димковска….
Манифестацијата ќе се одржува под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“, со кое се потенцира исконската врска меѓу ритмичките обрасци во поезијата како одраз на ритмичките обрасци во природата и севкупната стварност, но и врската меѓу поезијата и музиката.
– Во рамките на програмата предвидено е меморијално чествување на доајенот на македонската поезија, Радован Павловски, вечер на хрватска женска поезија и промоција на специјалниот тематски број на „Книжевно житие“, поетски портрет на Шунтаро Таникава, поетски омаж на лауреатот на СВП во 2020 година, Амир Ор, портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“ за 2022 година, како и повеќе поетски читања на домашни и странски поети, соопшти националната установа „Струшки вечери на поезијата“.
Во рамки на програмата предвидена е промоција на Антологијата поезија и музика, тематски избор на песни од истакнати домашни и странски поети, чија тема е музиката.
Свеченото затворање на фестивалот, традиционално ќе биде в недела, на 28 август на Мостот на поезијата со традиционалното поетско читање „Мостови“ и врачување на наградите „Златен венец“, „Мостови на Струга“ што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО за најдобра дебитантска книга и „Браќа Миладиновци“.