Поддршка на Развојна банка за дигитализација, раст и развој на компаниите и економијата

Сподели

 

Претседателот на владата, Димитар Ковачевски денеска со амбасадорката на Швајцарија Вероник Улман Марти и со директорот на Развојна Банка, Кире Наумов ја промовираа новата кредитна линија за дигитализација и дигитална трансформација за компаниите. Премиерот во своето обраќање истакна дека целта на владата е земјата да оди напред, да има силен економски раст и развој, затоа и заложбата за креирање можности за пристап до средства за инвестирање во имплементација на дигитални стратегии и планови односно дигитална трансформација.

 

 

„Оваа кредитна линија е новина на пазарот, прилагодена според потребите на пазарот и ќе биде во функција на искористување на придобивките на компаниите од процесот на дигитализацијата. Развојната банка во овој процес е пионер на пазарот и без сомнение дека поттик за вклучување добиваат и комерцијалните банки, се со цел да се забрза и засили циклусот на имплементација на дигиталната трансформација на компаниите. Наша цел е да го интензивираме процесот на дигитализација како современ пристап за деловен развој и спроведување на определбата за дигитализација  преку меѓусебно поврзување на академската заедница, на бизнис секторот, владините институции и граѓанскиот сектор за заедничко детектирање и делување во областите во кои државата има најголем потенцијал и доволно ресурси да инвестира“ – рече премиерот Ковачевски.

Северна Македонија, поддршка за креирање на Стратегијата обезбеди и од Светска Банка, GIZ и ИМЕ програмата, а беше финансиски поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка.

Вероник Улман Марти, амбасадорката на Швајцарија ја истакна важноста од дигитализацијата за економски раст.

„Врз основа на швајцарското искуство, активното учество на приватниот сектор во дефинирањето на политиките и мерките што влијаат врз нив, е предуслов за создавање средина што ќе овозможува процут на економијата. Затоа Швајцарија ја поддржува Националната Развојна банка на Северна Македонија да изврши анализа за потребите за финансирање на дигитализацијата, со тоа што ќе допре до компаниите низ земјата“, рече амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија, Н.Е. Вероник Улман.”

Кире Наумов, директор на Развојна Банка истакна дека следејќи ги одредбите од Стратегијата за СМАРТ специјализација на Владата на РСМ, како и препораките на Анализата направена преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), Развојната банка на Северна Македонија , од почетокот на овој месец воведува нова кредитна линија за дигитализација и дигитална трансформација.

„Кредитната линија е креирана со цел поддршката на компаниите кои инвестираат во дигитализација и дигитална трансформација. Истата ќе се реализира преку квалификувани банки-учеснички, со поволна каматна стапка од 2,9% до крајните корисници. Компаниите ќе можат да користат максимум 300.000 ЕУР за набавка на основни средства до 8 години со вклучен грејс период до 12 месеци, и максимум 100.000 ЕУР за обртни средства до 5 години со вклучен грејс период до 6 месеци.

Развојната банка континуирано ги прилагодува своите производи во насока на поддршка на компаниите во новонастанатите услови на работење“, истакна директорот Наумов.

На стопанството му беа ставени на располагање и ЕИБ-кредитните линии со поволна камата, од кои 41 милион евра се пласираа од ЕИБ 6, а останатите кредити беа пласирани од револвинг средствата. Со тоа од страна на Развојната банка за поддршка на стопанството за три години беа пласирани речиси 300 милиони евра за поддршка на 7.500 проекти, од кои само во 2022 година пласирани се средства во износ од 107 милиони евра поволни кредити за поддршка на ликвидноста на компаниите, инвестиции во заштеда на енергија и инвестиции во обновливи извори на енергија. Преку реализација на кредитната линија за поддршка на компаниите погодени од енергетската и ценовната криза, на почетокот на 2023 година Развојната банка со поддршка на Владата која дообезбеди средства поради големиот интерес, беа поддржани 262 компании во износ од 7,3 милиони евра. 

Во време на Ковид кризата беа поддржани 4.134 компании со износ од 45 милиони евра.