Со потпишувањето на оваа Декларација, младите политичари и пренесуваат порака на македонската јавност, дека се заложуваат за фер, слободни и демократски избори
СКОПЈЕ (АА) – Денес, во Скопје, дваесет и двајца претседатели на подмладоците на политичките партии од Македонија ја потпишаа Декларацијата за слободни, фер и демократски избори, во организација на Институтот за економски стратегии на меѓународните односи – Охрид, јавува Anadolu Agency (AA).
Со потпишувањето на оваа декларација, младите политичари пренесуваат порака до македонската јавност дека се заложуваат за фер, слободни и демократски избори и покажуваат дека подмладоците и младите политичари искрено се посветени на подобрувањето на демократската клима во изборниот процес.
Извршната директорка на институтот, Билјана Јанева, на почетокот од церемонијата им ја прочита декларацијата на присутните, којашто беше потпишана од секој од претставниците на помладокот на партиите.
Според Јанева, со текот на годините младите политичари се сѐ погласни и вклучени во политиката со свои предлози заради, како што рече таа, подобрувањето на статусот на младите во македонското општество. Јанева истакна дека институтот верува оти овие млади политичари се идните доносители на одлуки, кои ќе ги изградат темелите на здравиот политички дијалог и ќе ги негуваат демократските вредности.
По потпишувањето на декларацијата од страна на младите политичари, тие упатија порака и ги истакнаа заложбите на своите партии за еден фер, слободен и демократски изборен процес.
Денешниот настан е дел од изборниот циклус на програмата „Политички дијалог меѓу младите политичари во Република Македонија“, кој предвидува обуки, тркалезни маси, изборна симулација, набљудување на предвремените парламентарни избори и предизборна анкета меѓу политичките подмладоци.
Институтот Охрид од 2011 година работи на оваа програма со цел за соработка со сите активни политички подмладоци и градење на капацитетот на младите политичари, како и развивање и зацврстување на политичкиот дијалог меѓу нив.