Поднесени се тужби за нападите врз новинарите кои се случија на 27. април

Сподели

 

Здружението на новинарите на Македонија потсетува дека на 27-ми април, пред три години се случи „крвавиот четврток“, каде поголема група поддржувачи на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ упадна во Собранието на Македонија, при што беа нападнати новинари, сниматели, пратеници и останати функционери.

Во име на одбележување на овој црн ден за демократијата и застапување на слободата на изразувањето и безбедноста на новинарите, група новинари, помогнати од ЗНМ преку адвокатската канцеларија Медарски денеска поднесe тужби. Тужбите против државата, се поднесени за утврдување на повреда на правото на слобода на изразување и за надомест на нематеријална штета. Овие тужби следат по претходен повик кој го имаше ЗНМ со цел обезбедување на правна помош за новинарите и медиумските работници кои беа нападнати или им беше уништена опрема во Собранието за време на тој немил настан.

Потсетуваме дека Основното јавно обвинителство застана во заштита на дел од политичарите и против дел од нивните напаѓачи беа преземени мерки по службена должност по што следеа и затворски казни од страна на судот. И покрај тоа што група на новинари претходно даваа и искази во ОЈО за настаните од 27ми април, каде имаше случаи и на физичко насилство, за жал се уште нема никаква правна постапка против сторителите каде што новинарите се оштетена страна. Затоа во услови кога има двојни стандарди за новинарите и кога државата не ги заштити нашите колеги истите се приморани преку приватни тужби да ја бараат правдата.

ЗНМ сака да ги охрабри сите новинари да го кренат својот глас против нападите и притисоците на кои се или биле изложени и со тоа да пратат порака до јавноста и институциите дека тие повеќе нема да молчат. Исто така, судските постапки ќе го зголемат и притисокот врз институциите за да ги казнат насилниците, а со тоа ќе спречат во иднина да се повторуваат вакви напади кои се недозволиви и неприфатливи.