Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корпуција по спроведената истражна постапка, денеска до Основниот суд Скопје 1 поднело обвинителен акт против новинарот и сопственик на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски.
Божиновски, како што информираат од Обвинителството, се товари за злосторничко здружување, шпоинажа и за уцена. Обвинителството, исто така, побарало судот да му го продолжи притворот на Божиновски.
„Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција спроведе истражна постапка против лицето З.Б., и по сеопфтно разгледување и анализа на прибраните докази, денеска до Основниот суд Скопје 1 поднесе обвинителен акт со предлог за продолжување на притворот поради постоење на основан сомнеж дека обвинетиот сторил кривични дела и тоа: злосторничко здружување од член 394, став 2, шпионажа од член 316, став 3 во врска со член 45 и уцена од член 259, став 2 во врска со став 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик“, стои во соопштението на Обвинителството.
Божиновски во 2013 година беше еден од осомничен во случајот „Шпион“, но бидејќи им беше недостапен на органите на прогонот, истрагата против него беше прекината. На 21 април годинава, Божиновски беше екстрадиран од Србија во земјава, откако беше уапсен од српските власти врз основа на меѓународната потерница, што властите во Скопје ја имаа распишано против него во 2013 година.
На 25 април, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) усвои деклaрација во која побара итно ослободување на Божиновски.
„Неприфатлив е каков било друг исход од ова политички монтирано обвинение за негова наводна кривична одговорност. Колега Божиновски, ние членовите на ЗНМ, со оваа декларација изразуваме подготвеност и те уверуваме дека со заеднички сили ќе ја водиме оваа битка докраj“, беше наведено во декларацијата на ЗНМ.
Меѓународната федерација на новинари на својот 29. Светски конгрес, кој се одржа од 7 до 10 јуни годинава во францускиот град Ангерс, усвои итна резолуција предложена од Здружението на новинарите на Македонија, со која се осудуваат македонските власти за апсењето Божиновски.