Подобрување на дигиталните способности и вештини на жените осуденички

Сподели

Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, на 5 септември во Скопје го организираше завршниот настан на ДиКапСИВ проектот „Подобрување на дигиталните способности и вештини на жените осуденички во РСМ“.  Се работи за проект поддржан од Амбасадата на САД во Република Северна Македонија, кој започнал во јуни 2023 година.

Жените затворенички во Македонија се почеста мета на дискриминација од мажите, а условите во кои се сместени осуденичките во Идризово воопшто не се поволни, беше констатирано на дискусијата.

На настанот се обратија  Александар Пандов, директор на Управата за извршување на санкции, проф. д-р Светлана Вељановска, декан на Правен факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“, Битола,  вон. проф. д-р Ангелина Станојоска, проектна координаторка на DiCapSIW и вон. проф. д-р Ице Илијевски од Правен факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Во дискусијата учествуваше и Александра Трајановска, правна советничка во Хелсиншкиот комитет за човекови права, која истакна дека како организација посветена на унапредувањето на човековите права, особено на оние од маргинализираните и ранливите групи, Хелсиншкиот комитет активно го следеше проектот DiCapSIW, конкретно фокусирајќи се на сесиите за обука за дигитални вештини на жени осуденички за што беа спроведени две тродневни обуки со по 10 осуденички.

„Учесничките покажаа високо ниво на ентузијазам и ангажираност за време на сесиите за обука, активно учествувајќи во дискусии и практични вежби, притоа обуките се покажаа позитивни особено во промената на активностите на нивното секојдневие. Во текот на сесиите за обука, учесничките покажаа забележително подобрување во нивната дигитална писменост и владеење, што беше потврдено од нивната способност да извршуваат задачи како што се основна работа со компјутер, навигација на интернет и комуникација преку дигитални платформи. Сесиите на обуките не само што ги унапредија  техничките вештини на осуденичките, туку и поттикнаа чувство на зајакнување и самодоверба, овозможувајќи им да користат дигитални алатки за личен и професионален напредок“, рече Трајаноска.

Инкорпорирањето на технологијата во ресоцијализацијата на затворените лица може да го подобри нивниот квалитет на живот и идните перспективи, а истовременода и општеството ќе има корист преку намалување на рецидивизмот и промовирање успешна реинтеграција.

„Ние како организација која редовно ги следи состојбите во затворените институции, ќе го следиме процесот на зајакнување на дигиталните вештини и ќе известуваме редовно за употребата на компјутерите од страна на затворените лица. Од друга страна, иницијативите кои ние ги спроведуваме иако иновативни и корисни за лицата лишени од слобода потребно е да се институционализираат со цел услугите да останат одржливи за целните групи, бидејќи проектите се со ограничено време и не секогаш можат да се обезбедат финансиски средства за да се пружат услугите“, рече Трајаноска.

Од овој проект произлезе и прирачник кој понатаму ќе се користи за подобрување на дигиталните способности на осудениците.