ПОНИЖУВАЧКИ ИЗБОРИ – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

AJANOVSKI

Во изминатава деценија Македонија доживеа многу падови, порази, насилства, но мислам дека најголемото понижување ќе се случи на 11-ти декември, кога во името на демократските правила нејзиното граѓанство ќе биде принудено да избира помеѓу тиранијата и слободата, вистината и измамата, криминалот и правдата, овој пат сите ставени во изборна равенка, во рамноправен натпревар, како изедначени вредности, небаре постои некаква двојба околу нивниот морален карактер и значење.

Па, така, тој ден, обичниот човек со својот глас ќе треба да докажува дека тие што биле на власт, а не тој, неказнето вршеле државен грабеж, присвојувале народен имот, апселе и суделе недолжни луѓе, масовно прислушкувале политички неистомисленици, фалсификувале избори, влечеле човечиња за уши, шамарале општински функционери, уценувале преплашени бизнисмени.

Тој ден, јас, ти, ние, застанати пред гласачките кутии, заедно со нивната фамилија од кумови, братучеди, зетовци, мафијашки здружени и организирани во погребувањето на државата, помпезно самопрогласени за големи Македонци и патриоти од антички сој, ќе бидеме ставени во положба да се правдаме и да се браниме од нивните секојдневни обвинувања дека не сме национални предавници и продадени души, странски слуги и платеници, туку чесни луѓе кои што искрено си ја сакаат земјата и се борат да го одбранат нејзиното и своето човечко достоинство. Дека тие, а не ние, го кршеле уставот и законите, корумпираа судии и обвинители, урнисуваа секаков демократски стремеж, рекетираа и ликвидараа сведоштва за нивните извршени недела.

За жал, тој ден тие ќе ја играат улогата на бранители и заштитници на демократијата и правдата, на напредокот и европските перспективи, а сите ние останати, како свесна саможртва на граѓанските должности, упорно ќе разуверуваме дека не сме биле пучисти и насилни уривачи на власта, саботери и однародени бандити, туку директни сведоци на нивниот државен преврат планиран уште по самото устоличување на Груевски, а реализиран на 24. декември, 2012 година, со полицискиот упад и насилната окупација на македонскиот парламент, кога македонската демократија беше прегазена како крпа за бришење чевли.

И што е уште посрамно: под чудни и необјасниви причини, со помош на апсурдни и политички компромиси, се допушти истиот тој политички узурпатор на 11-ти декември да настапи во изборна трка, рамноправно со човекот кој што под закани на сопствениот живот ја разобличи неговата криминална природа, и кого со сите сили сакаше да го види качен на бесилка.

Во нормалниот демократски свет, незамисливо е политичар кој што бил замешан во коруптивни и криминални активности и против кого се водат повеќе кривични истраги, да се кандиддира на избори и да бара нов премиерски мандат. Уште повеќе ако се знае дека тој учествувал во прикривање и уништување на доказни материјали и спречувал судски органи во извршување на своите должности. Но, во македонскиот политички живот очигледно тие правила и принципи не важат: следевме како и по педесетина т.н. бомби со кои до гола кожа беше соголена неговата злосторничка дејност, Груевски не само што не се повлече од премиерскита должност, туку продолжи со уште поголема дрскот и жестокост да го брани своето арамиско царство.

Веројатно ќе се запрашате: дали е тогаш праведно да се излезе на гласање и на тој начин да се легетимира неговата срамна кандидатура и целото негово монструозно владеење?

Демократското граѓанство за жал нема друг начин и не поседува друго оружје освен со силата на својата гласачка волја, да ја прекине децениската агонија низ која минуваше нашата држава, за да се стави крај на многубројните политички самоволија и злоупотреби на доегашната власт. Затоа, неговата повеќегодишна битка за слобода и правда, моќно манифестирана на мајските демонстрации во Скопје, на младинските и студентски протести, низ секојдневните маршеви на шарените револуционери, на 11-ти декември мора да добие свој правичен епилог: победа на вистината за Македонија, пораз на лагите и блефовите со кои изобилно се хранеше осиромашениот народ.

Тој ден, на тој референдум, колку и да биде навредливо и морално неприфатливо, граѓаните ќе треба да дадат одговор само на едно прашање: Дали сте за достоинствен и човечки живот или сакате  и понатаму да живуркате во една темелно руинирана и бесперспективна држава?

Одлуката и изборот исклучиво е во ваши раце. Не дозволувајте повторно други да гласаат во ваше име и за своите длабоки џебови. Нивното време завршува. Заминуваат неповратно, со тешки непростени гревови и народни клетви што ќе ги носат до крајот на своите животи. А една од нив вели: Нека сркаат тоа што си го дробеле!