Попладневна расправа на конститутивната собраниска седница

Сподели

Попладнево, пратениците ја продолжија конститутивната седница на која се дебатира за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата со процедурални забелешки, иако претходно на координација, како што информира претседавачот Трајко Вељаноски, било договорено тие да не се злоупотребуваат, пренесува Алсат-М.

Пратениците од СДСМ и денеска имаа забелешки на водењето на седницата од страна на претседавачот Трајко Вељаноски на, како што рекоа, тоа што пратениците од ВМРО-ДПМНЕ си реплицираат сами на себе и оти ги злоупотребуваат репликите.

На ова реагираше Вељаноски, кој по две процедурални забелешки на пратеници од СДСМ, рече дека и покрај договорот се продолжува со иста пракса и оти тие се злоупотребуваат.

Само до паузата, рече, СДСМ имал 15 вакви забелешки, ВМРО-ДПМНЕ 8, а ДУИ 1. – Тоа кажува дека не ви држат забелешките оти некој друг ја одолговлекува седницата, рече Вељаноски.

Заменик координаторот на Беса Зендели, исто така искористувајќи процедурална забелешка, рече оти сите треба да се однесуваат одговорно и побара да не се манипулира со некаква тиранска платформа, бидејќи, како што потенцира, тоа е листа барања на албанските политички партии кои досега не биле остварени, а се дел од рамковниот договор.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека самите пратеници кои барале да нема злоупотреба на процедурата го прават тоа и попладнево, на што, исто така процедурално, забележа дека на координациите покрај договори за користење на процедурата имало и барање да им се одземе збор на сите кои нема да се држат до темата на реплика или процедурата.

– Ние само бараме договорот со кој е дојдено до парламентарно, не политичко мнозинство, да биде ставен пред јавноста, рече Димовски.

Процедурално се јави и Џевад Адеми од ДУИ. Побара да се внимава на тоа што се говори во Собранието. – Иако не се согласувам со правото на кочење на седницата со реплики и контрареплики, до крај ќе се борам тоа право да го имаат колегите бидејќи им е овозможено со деловник, а исто така нешто слично правев и јас и Талат Џафери, рече Адеми.

Во врска со барањата на албанските партии, тој истакна дека во СДСМ можеби не се најсреќни со ставовите на ДУИ и Алијанса за Албанците, но  кога немаш мнозинство, како што рече, мора да бараш компромиси и има цена која треба да се плати.

На ова преку процедурална забелешка реплицираше Антонио Милошоски, кој истакна дека ДУИ биле тие кои барале по секоја цена да бидат дел од власта по победата на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година. Затоа, рече, во 2008 имаше предвремени избори со почитување на барањето на ДУИ за коалиција со победникот во албанскиот блок.

– Само едно прашање тогаш ве прашавме, дали сте должни на СДСМ и Бранко Црвенковски, а вие рековте, оти не му должите ништо и оти за поддршката на претседателските избори да стане претседател на РМ сте му ги побарале и добиле Струга, Кичево и Скопје. Затоа, ако за Црвенковски тоа била цената Струга, Кичево и Скопје да бидат продадени, да се каже која е цената што СДСМ сега треба да ја плати за да коалицира со ДУИ, рече Милошоски.

Отако не престанаа да се злоупотребуваат процедуралните забелешки, претседавачот Трајко Вељаноски даде пауза за договор.