ПОРАКИТЕ НА ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

13076662_1003639613054306_5485997660944431789_n-1

Уверен сум дека феноменот на македонската “Шарена револуција”, без разлика како ќе се развива и како ќе се заврши, еден ден ќе стане предмет на најразлични научни анализи и опсервации од политички, правни, социолошки, економски, па се` до психолошки и ликовно-уметнички аспекти. Сите тие, посебно и заеднички, ќе се обидат да најдат одговори за нејзините особености:  што всушност таа претставува, како настана, кои се нејзините крајни цели и дали е тоа само обичен граѓански протест, спонтан излив на општонародно незадоволство или пак станува збор за еден вид надпартиско движење, амбицирано да проникне многу подлабоко и посеопфатно во причините и решенијата на постојната политичка  и општествена криза, досега шаблонски урaмена во нејзините познати партиски стереотипи.

Станува се` поочигледно, дека нејзините главни пароли и барања за темелни промени и реформи, за слобода и демократија, за граѓанска еднаквост и правда,  далеку ја надминуваат рамката на првобитните стремежи за соборување на корумпираната и криминална власт и за нејзино повикување на политичка и кривична одговорност

Духот на тој револуционерен полет, на своите развиорени едра, постапно почна да истакнува нови и смели проевропски одредници, кои што падот и поразот на груевистичката олигархија го определуваат само како прва и почетна етапа во трасирањето на идната македонска демократска преобразба. Во тој поглед, политичката опозиција како нејзин поддржувач и сојузник, ослободена од ситнопартиски есапи и пазарлаци, во интерес на големата историска цел за темелна македонска демократска преобразба, должна е уште сега, неодложно да се впрегне во проектирањето на една јасна и прецизна надпартиска платформа која ќе овозможи изградба на граѓанска и правна држава, оспособена никогаш повеќе да не допушти самовластието и тиранијата да загосподарат со неа.

Сите сме доволно свесни дека патот за еден таков историски исчекор е сизифовски стрмен и тежок, полн со неизвесности и опасни ризици. Но, токму таквиот благороден и возвишен предизвик, треба да биде поттикнувачката сила и елан на демократската револуција за да успешно ги оствари поставените идеали. Повеќе нема никаква двојба, дека досегашниот свиреп режим во тешка агонија ги преживува своите последни дни и можно е на крајот да се очекува негова свирепа одмазда кон сите свои противници и неистомисленици што му го нанесоа смртниот удар. Демократската јавност во тој поглед мора да биде подготвена и за едно такво подмолно сценарио, за да може храбро и со достоинство да одговори на секоја евентуална закана и провокација, како увод во меѓуграѓански и меѓуетнички конфликт.

П.С. Со голема тага ја примив веста дека популарниот Дар-Мар, еден од знаменосците на слободната мисла, творецот на непокорниот Пецко, брилијантен шегобиец со сите ненародни режими, засекогаш ги напушта барикадите на револуционерниот отпор. Во тие моменти си спомнав на средбата со него, пред фалсификаторскиот обид на власта да ја преземе во свои раце и нашата општина “Центар”. Рече: – Тука режимот ќе скрши заби! Мислам дека тоа ќе биде почеток на неговиот крај!”

И беше во право. Уште тогаш стана јасно дека граѓанската свест за правда и слобода ќе ја преземе судбината во свои раце. Неколку години подоцна, Дарко поетски ќе ја опише излеаната демократска револуција како неопислива глетка од бои на виножита, од цветни мириси и нежна музика, од ѕидни сликарски пејсажи и духовити карикатури, од искрени човечки копнежи и патила од нанесени болки, на цврста решеност црнилата на времето да се премачкаат со светли бои. Едноставно,- рече тој – тоа е се` она што човек посакува да биде!

Дарко Марковиќ со своето огромно творештво продолжува да ги предводи нашите неостварени соништа!