Посебен сообраќаен режим во Скопје овој викенд

Сподели

Поради најавените настани во организација на политички партии утре и задутре (13 и 14.04.) Одделението на безбедност на сообраќајот при СВР-Скопје ќе воведе посебен сообраќаен режим за сообраќајници кои ќе бидат опфатени со настаните.

Така на 13.04.(сабота) поради закажаниот митинг на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за 19.00 часот пред Влада на Р.С. Македонија, ќе се воведе посебен сообраќаен режим кој ќе започне од денеска (12.04.) од 19.00 часот се до 13.04. до 24.00 часот и ќе се однесува на затворање на дел од булеварот „Илинден“ на потегот од крстосницата со булеварот „Гоце Делчев“ до крстосницата со булеварот „Свети Климент Охридски“.

Исто така, задутре, поради маршот организиран од политичката партија СДСМ, чиј што почеток е закажан за 12.30 часот, за сообраќај ќе бидат затворени улиците по кои што ќе се одвива настанот. И тоа, почнувајќи од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“, потоа право по булеварот „Партизански одреди“, десно по улицата „Васил Главинов“, па лево по улицата „Димитрие Чуповски“, право до крстосницата помеѓу улицата „11-ти Октомври“ и булеварот„Кочо Рацин“.

Потоа, од пред МТВ и МАНУ право по булеварот „Крсте Петков Мисирков“, право по булеварот „Кочо Рацин“ до крстосницата со улицата „11-ти Октомври“, како и од пред Транспортен центар право по булеварот „Кузман Јосифовски Питу“, лево по булеварот„Кочо Рацин“ до крстосница со улицата„11-ти Октомври“.

Исто така, ќе биде затворена делницата од Тутунски комбинат право по улицата „11-ти Октомври“ до крстосницата со булеварот „Кочо Рацин“, како и од крстосницата помеѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Беласица“ право по булеварот „Кочо Рацин“, десно по улицата „Свети Кирил и Методиј“ до седиштето на ЕУ, каде што во 14.00 часот ќе се одржи митинг.

Покрај ова, од 13.04. од 14.00 часот до 14.04. до 24.00 часот, ќе биде затворена за сообраќај улицата „Свети Кирил и Методиј“ и тоа на потегот од крстосницата со булеварот „Кочо Рацин“ до крстосницата со булеварот „Свети Климент Охридски“.

Поради сето ова МВР ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците во централното подрачје на Град Скопје.