ПОСЛЕДНОТО ЛИДЕРСКО ТАНГО НА ГРУЕВСКИ! – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

Во сенка на меѓународните активности на новата реформска влада се најде еден значаен настан од внатрепартиското дејствување на најголемата опозициска партија. Како резултат на безидејните и хаотични состојби во кои западна по изборниот пораз, дојде до крупни смени во нејзината извршна оператива. Беа заменети повеќемина најблиски соработници на Груевски, а назначени нови, помлади функционери од вториот и третиот ешалон, докажани режимски следбеници подготвени да ја спроведуваат неговата погубна политика.

На општо изненадување овие смени не предизвикаа поголеми реакции меѓу членството, што укажува дека биле претходно планирани и одобрени од партискиот лидер, со цел да се амортизираат одредени притисоци кои што инсистираа на итно реформирање на партијата и нејзино дистанцирање од криминогените структури во неа. Играјќи ја улогата на капетан што последен го напушта потонатиот брод, Груевски со овој потег фактички се ослободи од тешкиот товар на својата злосторничка дружба, убеден дека со нивното жртвување до некаде ќе успее да ги замачка трагите на своето мафијашко владеење.

Во тој контекст, пред ДПМНЕ остануваат неколку отворени прашања околу неговата лидерска судба:

Ако неговата политика била успешна и правилна, како што упорно повторува, тогаш зошто таа доживеа дебакл на последните избори?

Ако главни нејзини реализатори беа неговите министри и функционери Зоран Ставревски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкуловска, Владимир Пешевски, Сашо Мијалков, преодниот премиер Емил Димитриев, владиниот секретар Кирил Божиновски, личниот советник Мартин Протуѓер, зошто беа отстранети од владиниот кабинет, а потоа и од кормилото на партискиот штаб?

Ако сите тие биле чесни и неправедно обвинети од страна на СЈО, како што вели Груевски, зошто не застана до крај во нивна одбрана и зошто ги тргна од водечките државни и партиски позиции. Дали тоа значи дека само тој, исто така осомничен за криминал и политички злоупотреби бил безгрешен во водењето на партиската политика, а сите оние што слепо ги извршуваа неговите наредби сносат одговорност за претрпените неуспеси?

Како што е познато, одговорот на овие прашања во партијата се уште нема иако станува сѐ појасно дека без нив таа уште долго не ќе може да смета на некаква консолидација и заздравување. Со дотурот на нови кадри што цврсто го веат знамето на неговата поразена политика, Груевски уште еднаш потврди дека за него најмалку е битна ДПМНЕ и нејзиниот опстој, туку исклучиво нејзината употреба за лична заштита од најавените кривични прогони и политички одговорности. Долгата и мачна опозициска битка во Парламентот за спас на јавниот обвинител Марко Зврлевски, главниот заштитник на најтешките криминали, се доволен показ во која насока и кои приоритети ќе бидат на преден план во преостанатиот период на неговото партиско водство. Тој одамна е свесен дека неговото влијание на македонската политичка сцена повеќе нема никакво значење па, целото свое внимание го усредсредува на зачувување на партискиот трон, преку кој што единствено би можел да издејствува некаква кривично-правна привилегија. Меѓутоа, со оглед на зачестените и сѐ погласни и барања на одделни партиски групации за негово повлекување од лидерската позиција, како предуслов за почеток на партиското реформирање и демократизирање, тешко може да се поверува дека тој уште долго ќе може да ја држи во лично заложништво и да ја користи за цели, неспоиви со законите и функционирањето на правната држава.

Очигледно последно лидерско танго, Николае ќе биде осуден да го одигра сам и без музиката што ја компонираше во своја чест, во времето кога се поставуваа темелите на Триумфалната арка во центарот на Александрополис, познат како поранешно Скопје!