Потпишан Договор за соработка меѓу Пошта и Халкбанка

Сподели

 

Генералните директори на „Пошта на Северна Македонија“ и „Халкбанка“, Јани Макрадули и Билал Суџубаши денеска го потпишаа Договорот за соработка. Веднаш по неговото склучување, генералниот директор Макрадули изрази очекување дека за многу брзо време, Пошта на Северна Македонија ќе се врати на првобитната позиција која до пред неколку месеци ја имаше на македонскиот пазар – 25% од вкупниот платен промет во државата.

 

 

„Пошта повторно обезбедува можност за плаќање на сметки, како и вршење на други трансакции со најниска провизија и тоа во над 300 точки низ целата држава. Потсетувам дека постојат места низ Републиката во која граѓаните немаат друга можност за вршење на трансакции од платниот промет, освен шалтерите на „Пошта“. Тоа е голема одговорност и обврска која повторно ја преземаме за најмногу 2 месеци.“, истакна Макрадули.

Дополнително, посочи тој, финансиски ја зајакнуваме компанијата, што е многу важно бидејќи за брзо време сакаме сите заедно да придонесеме и да ја вратиме „Пошта“ таму каде од секогаш припаѓала – а тоа е меѓу граѓаните.

„Добиваме многу пофалби за новитетите кои ги воведуваме и за напорите за ревитализација на компанијата. Но, периодов до нас пристигнуваат и голем број на критики, поплаки и сугестии како да бидеме повеќе професионални, но првенствено повеќе ориентирани кон целосно извршување на услугите кон граѓаните. Токму тука, главната одговорност треба да ја покажеме ние како менаџмент, но својот дел од одговорноста мора и ќе го преземе секој еден вработен во Пошта.“, посочи Макрадули.

Генералниот директор на „Халкбанка“, Билал Суџубаши изрази задоволство од одлуката на „Пошта на Северна Македонија“ да ја избере оваа банка како свој партнер во вршењето на услугите од платниот промет. Со ова, потенцираше Суџубаши, „Пошта“ избра сигурен партнер – банка која во изминатите девет години успеа да стане најбрзорастечка банка во земјата, но и банка која зад себе има сигурен бренд, Халкбанк АШ Турција – банка која постои веќе 80 години и е една од најсилните банки во Турција.

„Истовремено можам да најавам дека освен стандардните банкарски услуги ќе понудиме и други услуги кои освен за нашите коминтенти, ќе бидат достапни и за сите кои ги користат услугите на „Пошта“. А клиентите на „Пошта на Северна Македонија“, кои отсега стануваат и наши клиенти, набргу ќе можат да се уверат дека нашиот слоган „Важни се луѓето” e во суштинa сублимирана порака на „Халкбанка“ за сите активности од нашето деловното работење и корпоративната стратегија.“, рече генералниот директор на банката, Билал Суџубаши по потпишувањето на Договорот.

Според договорот  со Халкбанка платниот промет на пошта ќе започне да функционира за најмногу два месеци. Над 870 вработени во „Пошта“ целосно или делумно извршуваат работни обврски поврзани со обезбедувањето на наведените услуги, а од остварениот заеднички приход 71 отсто ќе биде за државната пошта, а 29 отсто за Халк Банка.

На крајот, Макрадули се осврна и на празничната промотивна акција која периодов ја спроведува „Пошта“. Тој се заблагодари за огромниот интерес и поддршка кој го даваат граѓаните во рамки на иницијативата „#ИспратиЧеститка, #ИспратиПодарок“ преку #ПоштаМКД“. Како што најави Макрадули, сите граѓани до 15.1.2021 година ќе можат промотивно да испратат подароци или пакети до 5кг низ цела земја по цена од 80 денари, како и празнична честитка во ретро дизајн, изработена од еко хартија по цена од 16 денари.