Во рамките на проектот „И отпадот има вредност!“ ЈП Паркинзи на Општина Центар ја започнува кампањата „Да го исчистиме Центар од хаварисани возила“ со цел да се ослободат паркинг местата и јавните површини на територија на Општина Центар кои се зафатени од страна на хаварисани и напуштени возила и приколки кои претставуваат опасност за жителите и животната средина.
Веќе од денес, хаварисаните и напуштени возила и приколки, со согласност на сопственикот, ќе се отстрануваат од јавните површини во Општина Центар и бесплатно ќе се носат во депото на друштвото за производство, трговија и услуги Васкони Скрап ДОО-Скопје. Потоа тие ќе ги сечат и ќе ги продаваат како старо железо, а за тоа сопствениците на возилата ќе добијат надоместок од фирмата согласно нивниот ценовник за откуп на отпад од хаварисани возила.
Во склоп на кампањата од среда (20.01.2020) ќе се отвори и посебна телефонска линија 075 476 762 каде сопствениците на хаварисани возила ќе можат да ги пријавуваат своите автомобили. Пајак службата на ЈП ПОЦ ќе интервенира веднаш по добивање на повикот.
Директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар-Скопје, Васко Кичевски и сопственикот на Друштвото за производство, трговија и услуги Васкони Скрап ДОО-Скопје, Васил Ѓатовски потпишаа меморандум за соработка со кој се обврзаа двете страни заеднички да соработуваат и да делуваат за да се воведе ред во паркирањето, да се зголемат капацитетите на паркинг местата и да се воспостави партнество во смисла на задоволување на потребите на корисниците и жителите на Општина Центар.