Повеќе од 800.000 Британци досега ја потпишале петицијата за одржување на нов референдум за членството на Велика Британија во Европската Унија, јавуваат британските медиуми.
Петицијата за втор референдум беше иницирана вчера, неколку часа откако резултатите од гласањето во четвртокот покажаа дека повеќето граѓани се изјасниле за напуштање на ЕУ.
Сите петиции кои ќе добијат повеќе од 100.000 потписи мораат да бидат разгледувани пред парламентот, пишуваат медиумите.
Во петицијата британската влада се повикува да одржи уште еден референдум за членството во ЕУ, користејќи го прописот според кој е можно повторно да се постави прашањето пред јавноста доколку ниту една страна не освоила повеќе од 60 отсто од гласовите и ако одзивот бил помал од 75 отсто.
Според конечните резултати 51,9 отсто или 17,4 милиони Британци на 23 јуни гласаа за излез од ЕУ, додека 48 отсто или 16,1 милиони гласаа за останување.
Одзивот на референдумот беше 72,2 отсто.
Повеќе од 800.000 Британци ја потпишале петицијата за нов референдум