Повторно ќе сообраќа брзиот воз Скопје – Приштина

Сподели

 

Железници на РСМ – Транспорт од 9 март повторно ќе го пушти во функција брзиот воз Скопје – Приштина – Скопје, информираат од ова железничко претпријатие. Возниот ред на возот не е променет, од Скопје ќе поаѓа во 16:10 часот, додека од Приштина ќе има поаѓање во 7:10 часот. Од железничкото претпријатие информираат дека овој воз меѓу двата главни града не сообраќал редовно поради „одредени технички проблеми“.

„Воведувањето на редовната линија на возот Скопје – Приштина – Скопје се очекува значително да го зголеми движењето на патниците, уште повеќе со оглед на секојдневните потреби што луѓето ги имаат од двете страни на границата“, се вели во соопштението на Железници на РСМ – Транспорт.

Брзиот воз меѓу Скопје и Приштина во актуелниот возен ред е единствената меѓународна железничка линија што ќе сообраќа во текот на целата 2020 година. Експресниот воз од Скопје кон Белград и Солун и оваа година ќе биде ставен во функција единствено во летниот период, секојдневно од 12 јуни до 20 септември.

Возниот ред останува ист. Поаѓањето од Скопје ќе биде во 16.10 часот, додека возот се очекува да пристигне во Приштина во 19.10 часот. Од Приштина за Скопје, поаѓањето ќе биде во 07.10 часот, додека возот се очекува да пристигне во Скопје во 09.52 часот.