Пожарот во Кочани ставен под контрола – граѓаните незадоволни од помошта на државата

Сподели

 

Од утрово во земјава стапи на сила целосната забрана за движење во шумските предели, а Владата апелираше до граѓаните да не се движат низ шумските предели заради заштита на личната безбедност и заради спречување натамошно ширење на пожарите.

Пожарот во Кочанско којшто беснееше вчера вечерта е локализиран и ставен под контрола. Пожарот и понатаму е активен во близина на селото Тркање, а на терен се екипи на противпожарните единици за контрола на ситуацијата.

 

                                      Кочани во пожар – фото фб

 

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов вчеравечер изјави дека за утрово е закажана седница на групата за проценка, каде ќе се разгледа сериозноста на ситуацијата, и доколку е потребно, ќе предложат прогласување на кризна состојба на дел од територијата или на целата територија од државата.

Активни пожари има на неколку локации во земјава, но вчера најстрашно беше во Кочани и Старо Нагоричане, каде покрај тоа што изгореја многу хектари шума, настрадаа возила, куќи и друг имот на локалното население. Во Старо Нагоричане интервенираше хеликоптер, додека во Кочани беа испратени екипи од неколку градови во земјава и припадници на војската за да интервенираат заедно со противпожарната единица на Кочани и локалното население.

Пожари има и во Македонски Брод, Валандово, а приоритет на гаснење на огнената стихија во моментов ќе има пожарот во планинските села Костин Дол и Новоселани во Кочанско, како и шумскиот појас кај селото Пасјак меѓу општините Делчево и Пехчево.

Инаку, Македонија веќе една недела е зафатена од продолжен топлотен бран, со многу високи температури и без врнежи. Синоптичарите за денеска попладне повторно предвидуваат повремено засилен ветер од западен правец, кој ќе биде особено изразен во западните делови од земјава. До четврток е активирано портокалово ниво на опасност од високите температури.

Во добра здравствена состојба се деветтемина жители на Кочани кои побараа помош поради вдишување чад од пожарот кој го зафати Кочани, соопшти денеска Министерството за здравство.

Од Министерството соопштуваат дека пациентите синоќа биле задржани во болница неколку часа и примале кислородна терапија, по што сите се пуштени дома.

Населението од кочанскиот регион не е задоволно од тоа како државата излезе во пресрет при гаснењето на пожарот, кој беше сериозна закана и за најголем дел од куќите во Кочани.

Денеска во 12.00 часот, вд. директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов ќе одржи прес-конференција пред зградата на ЦУК, во врска со пожарите во државата.