Преку 11 милиони евра инвестиции за нов навигациски систем во М-НАВ

Сподели

 

Преку 11 милиони евра инвестираме во модернизација на навигацискиот систем во М-НАВ, се со цел да овозможиме поефикасно работење на Конторлата на летање и за поефикасен авиосообраќај во земјата, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, при денешната посета на М-НАВ.

 

 

Министерот Бочварски, заедно со заменик министерот Беким Реџепи и менаџерскиот тим на М-НАВ направија обиколка на Контролата на летање и на Навигацискиот центар, каде се запознаа со работата на институцијата.

 

 

„Се наоѓаме на местото каде за прв пат по 25 години започнуваат подготовки за изградба на нов објект за потребите на М-НАВ. Со инвестицијата од 11 милиони евра, освен за изградбата на новата зграда, ќе се набават нови радари, нова опрема за комуникација, нов АТМ систем, со што ќе се зголемат капацитетите и ќе обезбедиме поефикасно и побезбедно одвивање на авиосообраќајот.“ – изјави министерот Бочварски.

Тој истакна дека е задоволен што и покрај ковид кризата успеале да ја обезбедат инвестицијата за модернизација на клучна институција како Македонска навигација.

 

 

Директорот на АД Македонска навигација, Хамиди, се заблагодари на Владата за инвестицијата која ја потенцираше како клучна, бидејќи како што напомена, повеќе од 25 години никој не вложил во М-НАВ.

„Чест ни е што и покрај кризата од ковид пандемијата, во 2021 година заедно со целиот тим во Македонска навигација, ги подобривме финансиските показатели. Инвестицијата што ја добивме за изградба на новата зграда со вкупна површина од 1200 метри квадратни и за набавка на нова опрема, ќе придонесе за зголемување на нашите капацитети и за модернизација на институцијата. Продолжуваме како и до сега, бидејќи безбедноста при летањето е наш врвен приоритет.“ – изјави извршниот директор на Македонска навигација, Хамиди.