Алтернатива Настани

Премиера на “ЈАС СУМ АКИКО” во Салон 19:19

Сподели:

 

Пред да се зачнат во утробата на мајката, децата се создаваат во мислите на родителите. Пред да се напише текстот (книгата), тој се создава во мислите на авторот. Пред да се направи претстава, таа се создава во мислите на режисерот. Пред да се создадат карактерите, тие првин се создаваат во мислите на актерите.
 
 
 
Пред да се толкува „ЈАС СУМ АКИКО“, се посетува ТЕАТАР и се гледа претставата. Додека се гледа претставата, се создава посебен свет во микрокосмосот на секое дете и на секој возрасен.
 
Претставата „Јас сум Акико“ е претстава која е поинаква од останатите и нуди симболики, асоцијации и толкувања, како уникатни делови од една сложувалка. Не постојат погрешни толкувања. Сечие толкување е поинакво, посебно и правилно толкување, како уникатноста на Акико и на Марсело, како посебноста на секое дете и на секој возрасен кои седат и ја воспримаат претставата од публика.
 
Погледнете ја „Јас сум Акико“ и дозволете си сами да си ја објасните претставата, на начинот на кој и Марсело си се објаснува самиот себеси.
ЈАС СУМ АКИКО Е ПРЕТСТАВА КОЈА НУДИ ЕДЕН ПОИНАКОВ ПРИСТАП од сето она коешто сме навикнати да го консумираме како „претстава за деца“. Ова не се однесува само на понудената содржина туку и на иновативната и модерна естетика, која се препознава во специфичната АНИМЕ-креација на ликовите од видеата со кои комуницираат актерите од сцената. Овие ликови се илустрирани од дете за дете. Како илустратор се потпишува 13-годишната Мила Филиповска, додека останатиот тим се искусни автори од областа на театарската уметност, анимацијата и музиката.
 
Освен тоа што е исклучително забавна, претставата има за цел и да ја поттикне публиката на креативни, но и на суштински размислувања.
Автор на текстот е Стефан Тиќми ( Р. Србија), а неговата книга ЈАС СУМ АКИКО, која jа споредуваат со Малиот принц, се вбројува меѓу 200-те најдобри детски книги во светот, според изборот на весникот White Ravens, кој го издава Минхенската библиотека. Добитник е и на наградата „Politikin zabavnik“, како и на плакетата „Djechja kniga godine“.
НЕ ПРОПУШТАЈТЕ JA ПРЕМИЕРАТА НА „ЈАС СУМ АКИКО“ НА 10 НОЕМВРИ во КИЦ – Салон 19:19 од 19:00 ч.!
Автор на текст: СТЕФАН ТИЌМИ
Режија, адаптација и драматизација: РОБЕРТ РИСТОВ
Играат: МИРЈАНА ПОПОВСКА РИСТОВ И РАДО АЛЕКСОВСКИ
Аниматор: ЈОСИП ЗДРАВКОВСКИ
Илустратор: МИЛА ФИЛИПОВСКА
Композитор: БРАНКО САПЛАМАЕВ
Костимографија: РАДЕ ВАСИЛЕВ
Сценографија: РОБЕРТ РИСТОВ
Превод од српски јазик: ЕЛЕНА ПРЕНЏОВА
Продуценти: МИРЈАНА И РОБЕРТ РИСТОВ
Продукција: ТЕАТАР ПРОВОКАЦИЈА
Претставата е финансирана од Министерството за култура и од сопствени средства на Театар Провокација. Благодарност до помагателите КИЦ и ГТЦ.
(фотографиите се преземени од фб на Роберт Ристов)
Сподели: